пожари пожар во франција
Жиронда, Франција / EPA-EFE/SDIS 33 HANDOUT

Пожари беснеат низ Франција, луѓе се евакуираат по училишта и општински сали

Високите температури и сушата придонесоа денеска да избувнат и беснеат повеќе пожари во француските департмани Вар и Горна Корзика, објави Ле Монд.

Најголемиот пожар избувнал околу 15 часот во општината Тарадо, во внатрешноста на Заливот Сен Тропе. Поттикнат од силниот ветер, огнот брзо се проширил кон градот Ле Арк-сир-Аржан и за помалку од два часа зафатил околу 180 хектари.

До крајот на денот пожарот бил ставен под подобра контрола откако навлегол во приградска област, што го забавило неговото ширење. Според префектурата, изгореле четири куќи, а уште девет биле оштетени. Вкупно 150 лица од двете општини биле евакуирани и сместени во училиште и општински сали. Еден пожарникар се здобил со полесни изгореници.

Во Горна Корзика, каде исто така е на сила портокалово предупредување за жештини, два пожара предизвикани од удари од гром на 12 јули сè уште не се изгаснати.

Пожарот кај Албертаче денеска дополнително се проширил и досега зафатил околу 326 хектари. Според локалните власти, огнот повторно се засилил во попладневните часови и навлегол во шумски предел.

Гаснењето е значително отежнато поради стрмниот терен, тешкиот пристап до жариштата и условите за ширење на пожарот. Во интервенцијата учествуваат 160 пожарникари, 66 противпожарни возила, два авиона „Пеликан“, хеликоптер за гаснење пожари и извидувачки авион.

Еден пожарникар од департманот Еро, кој бил испратен како засилување, се здобил со изгореници на двете раце и бил пренесен во болница. Ден претходно, шумски пожарникар од Корзика бил повреден во главата при гаснење на друг пожар во близина на Корте, но тој не е во животна опасност.

Во меѓувреме, во Трињак, во близина на Сен Назер во департманот Лоара Атлантик, пожар во вегетацијата се проширил кон станбена населба, при што изгореле три куќи и една помошна градба. Од претпазливост биле евакуирани околу 50 жители, кои биле сместени во општинска сала.

Европа погодена од пожари, суша и бури и покрај ублажувањето на топлотниот бран

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот