Приватна фирма ќе копа редок минерал во Македонија и ќе го носи во Америка, за Мицкоски ова е успех од Стратешкиот дијалог со САД
Премиерот Христијан Мицкоски денеска зборуваше за ефектите од Стратешкиот дијалог со САД и како еден од тие, според него позитивни ефекти на нашето стопанство најави отворање рудник за реткиот минерал антимон во кривопаланечкото село Луке, кој го нарече „инвестиција во значаен производен објект“.
Препорачано
Зборувајќи за тоа што очекува од денешната сесија од Стратешкиот дијалог во Вашингтон и нагласувајќи дека Македонија е првата земја од Европа која има ваков стратешки дијалог со администрацијата на претседателот Доналд Трамп, Мицкоски рече:
„Исклучително високо ниво. Теми кои ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, апликациите и имплементацијата, билатералната соработка, енергетиката, инфраструктурата која ја градиме и во која силно инвестираме. Потоа одбранбената индустрија, соработката во овој дел. Тоа се неколку области во кои што очекуваме да се постигне голем напредок. Истовремено да се промовира една инвестиција во значаен производен објект. Тоа е рудата антимон која ќе се експлоатира во паланечкото село Луке. Редок минерал, што може за нашата економија да значи многу.“
Тој додаде истрагите (за концентрацијата на рудата, н.з.) таму се при крај и деле „очекува многу скоро тоа да биде започнато“.
„Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома во САД, тоа е еден заокружен циклус. Нешто кое што е многу важно за Македонија како држава и за нас како граѓани“, рече Мицкоски.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ќе се одржи денеска во Вашингтон. Таа се случува по пауза од цели четири години, а на неа ќе присуствува висока владина делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. На настанот ќе учествуваат и министрите за внатрешни работи, Панче Тошковски, за одбрана, Владо Мисајловски, за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска.
„Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на партнерството со САД, со фокус на клучни области од заемен интерес, вклучително одбраната и безбендоста, кибербезбедноста и технолошката соработка, економијата, трговијата и енергетиката, како и заедничката борба против транснационалните закани на граничната безбедност“, соопшти МНР.
Антимонот е релативно ретка минерална суровина, која има значајна улога во современата индустрија, особено во производството на батерии, огноотпорни материјали и легури. Побарувачката за антимон во светот силно расте последниве години, делумно поради неговата примена во енергетиката и електрониката, што го прави стратешки важен ресурс на глобално ниво. Кина е најголемиот светски производител.
За рудниците за антимон има сериозни еколошки предупредувања – тој и неговите соединенија се токсични за човекот и можат да претставуваат ризик за здравјето, но и за животната средина, особено при долготрајна изложеност. Ископувањето ги загадува подземните води, а дополнителен проблем претставува честата појава на арсен на истите наоѓалишта, што го зголемува ризикот од сериозно загадување и последици по локалните еколошки системи.
Ова е познат проблем и кај нас – сè уште е нерешено еколошкото жариште во кумановското село Лојане, каде имало рудник за антимон и хром во 70-тите години на минатиот век. Од купиштата отпад кој содржи арсен, кој и натаму не е расчистен и се наоѓа на стотина метри од училиштето во селото, загадени се водата и почвата, како и храната која ја произведуваат локалните жители.
Загадувањето од рудници со антимон беше особено голема тема во Србија, каде повеќе истражувања покажаа тешки ефекти врз животната средина околу постоечки рудници.
Токсичен рударски отпад го загрозува здравјето на учениците во кумановско Лојане


