Една од критичните локации кај „Лојане“, фото: Радио МОФ

Мицкоски најави нов рудник за антимон, а отровите од старото жариште уште не се исчистени

Црвено-портокалови купишта со канцероген арсен зјаат на отворено кај селата Лојане и Ваксинце, но и близу пругата кај преминот Табановце. „Печат“ на нос кога ќе им се доближите. Боли глава ако подолго време стоите во близина. Дождовите ги носат под земја, а се слеваат и во локалните реки. Ветерот ги шири насекаде, па дури во портокалово ќе ви се обојат панталоните од грмушките. Воедно, со арсен и антимон се загадени почвите и водите.

Ова е секојдневие за неколкуте илјади жители од липковските села Лојане, Ваксинце и Табановце кои се загрижени за своето здравје, но и за здравјето на своите деца и внуци.

Тие и оваа година продолжија да живеат во средина загадена од депониите од рудникот за хром, антимон и арсен „Лојане“, кој престана да работи во 1979 година. Оттогаш, канцерогените материи од јаловиштето се оставени на отворено, незаштитени и продираат во водата и почвата. Најголема опасност доаѓа од 15.000 тони арсен сулфид, арсенски концентрат, па затоа „Лојане“ е сместена во листата на „жешки еколошки точки“, но сè уште е неисчистена.

Голем проблем е и што една од критичните локации натрупани со арсен се наоѓа на само стотина метри од училиштето „Рилиндја“, каде учат околу 400 деца.

Токсичен рударски отпад го загрозува здравјето на учениците во кумановско Лојане

Истражување од 2021 година покажа дека и водата од школото, исто како и од селскиот локален водовод, имаше концентрации на арсен над границите од 10 микрограми на литар, но засега ни тоа не го крена државниот аларм за трајно чистење на остатоците од „Лојане“.

„Млади деца ни стануваат жртва! Државата треба да покаже интерес за здравјето на жителите на Лојане и Ваксинце, за каква вода пијат, каков воздух дишат, каква храна јадат. Мора да се најде решение!“, алармираше неодамна професор по географија од „Рилиндја“.

Снимка од „Google Earth“ на загадениот локалитет во Лојане

Додека локалците од липковските села бараат спас за долгогодишниот проблем,„Лојане“ вчера индиректно го актуелизираше премиерот Христијан Мицкоски со тоа што најави нов рудник за антимон во кривопаланечкото село Луке, како дел од Стратешкиот дијалог со САД.

Мицкоски ова го нарече „инвестиција во значаен производен објект“, a за антимонот дека е редок минерал, што „може да значи многу за нашата економија“.

Тој додаде дека истрагите (за концентрацијата на рудата н.з.) се при крај и дека „очекува многу скоро тоа да биде започнато“.

„Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома во САД, тоа е еден заокружен циклус. Нешто кое што е многу важно за Македонија како држава и за нас како граѓани“, рече Мицкоски.

Приватна фирма ќе копа редок минерал во Македонија и ќе го носи во Америка, за Мицкоски ова е успех од Стратешкиот дијалог со САД

Од една страна антимонот е релативно ретка минерална суровина, значајна во современата индустрија, особено во производството на батерии, огноотпорни материјали и легури. Од друга, за рудниците за антимон има сериозни еколошки предупредувања – тој и неговите соединенија се токсични за човекот и можат да претставуваат ризик за животната средина, особено при долготрајна изложеност. Ископувањето ги загадува подземните води, а дополнителен проблем претставува честата појава на арсен на истите наоѓалишта, како кај „Лојане“, што го зголемува ризикот од сериозно еколошко загадување.

Што досега е утврдено за бившиот рудник „Лојане“?

Локалитетот за антимон и арсен „Лојане“ влезе во групата на најжешките еколошки точки во Македонија преку разни испитувања. Физибилити студија во 2007 година, поддржана од чешката Влада и УНДП, покажа дека во дел од локалните реки има „средна“ и некаде „екстремна“ загаденост.

Генерален заклучок за „високи еколошки и здравствени ризици“ за „Лојане“ стои и во документ од 2017 година, правен од група истражувачи и професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип и Институтот за минералогија и кристалографија од Виена.

„Некои води земени во мостри од бунари (и особено мострата број 19 од Ваксинце) имаат содржина на арсен и антимон кои се значително над границите на водата за пиење утврдени од различни регулаторни агенции“, стои во студијата.

 

Хемиска анализа на подземните води, извор: „Контаминација на почва и подзени води околу рудникот Лојане“

Во 2019 водата во селото беше над границата, а во 2021 и самиот водовод во школото „Рилиндја“, но локалните служби не го вклучија алармот. Единствено се споменуваа иницијативи за смена на водоводниот систем.

Воедно, истражувачи открија арсен и антимон над основните граници од мостри од почва и седимент. Многу примероци покажаа ниво над „интервентните“ вредности.

Трајче Стафилов, истражувач и некогашен професор по хемија,  на неколку пати објаснуваше дека основната јаловина кај рудниот е половина милион тони, а содржи некаде 1,5 до 2% арсен. Но, тоа црвено-портокаловото е 50 отсто арсен, високо токсичен. Со тимот го истражувале и снимале арсенот кај железничката станица – водите го носат кон Табановска река, а таа се слива во Пчиња.

За концесиските работи

Државата со децении не успеа да ги исчисти отровите кај „Лојане“, а потоа и со концесионер сакаше да се справи со депониите. Но, засега, тој процес се покажа како неуспешен. Тоа го забележуваа еко-активистите, а го покажуваат и снимките од терен, актуелни и денес.

Практично, изгубени се повеќе од една деценија за жителите од липковските села, ако се знае дека турската компанија „Калтун Мадденџилик“ доби концесија уште во 2014 година. Една од концесиите беше за да експлоатира антимон, а притоа со обврска да ја извезе целата токсична депонија во странство. Но, пред раскин на договорот во 2022 таа успеа да исчисти и продаде само 60 од вкупно 15.000 тони.

Владата изминативе година-две бараше нов концесионер.

Од ресорот на Сања Божиновска, која моментално е во Америка, засега не ни кажаа што се случува со локалитетот, а краток одговор добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Во одговорот нема никаков датум или рок.

„Во однос на депонијата, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини има започнато постапка за нејзино доделување под концесија, согласно Законот за минерални суровини. Овој пристап се смета за најсоодветно решение за справување со овој вид отпад. Во рамки на владината постапка, веќе е завршен процесот на прибирање мислења од сите релевантни и засегнати институции“, велат од МЖСПП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот