Гвајана - Фото: vitaly suprun / Alamy / Profimedia

Потона патнички траект кај Гвајана, десетици луѓе се изчезнати

Патнички траект со 116 патници и членови на екипажот потона доцна во саботата покрај брегот на Гвајана во Јужна Америка. До неделата вечерта беа спасени 67 луѓе, меѓу кои 15 деца, пренесува Гардијан.

Во тек е голема акција за пребарување и спасување на десетици исчезнати патници, во несреќа што официјалните лица ја опишуваат како една од најтешките поморски трагедии во историјата на земјата.

Траектот „МВ Барина“ испловил од главниот град Џорџтаун во саботата околу 15:15 часот, со крајна дестинација Порт Каитума во нафтениот регион Есекибо, во близина на границата со Венецуела.

Повик за помош бил примен нешто по 23 часот, по што започнала итна спасувачка операција во која учествуваат крајбрежната стража и воздухопловниот корпус на Одбранбените сили на Гвајана, приватни авиони, рибарски бродови и цивилни доброволци.

Министерот за јавни работи Хуан Едгил изјави дека првичната истрага покажува оти траектот пловел во рамките на дозволениот капацитет.

„Немаше дефект на моторот ниту механички проблем. Несреќата не е поврзана со преоптовареност, туку со плимата“, изјави Едгил.

Според него, „МВ Барина“ имал дозвола да превезува 397 патници и 284 тони товар. Во моментот на несреќата превезувал 268 тони товар, што било под максимално дозволениот капацитет.

Бродот бил опремен со 250 појаси за спасување, два спасувачки чамци и шест гумени спасувачки сплавови.

Премиерот Марк Филипс соопшти дека центарот за координација на потрагата ја проширил областа на пребарување од 400 на 1.070 квадратни километри, при што се вклучени дополнителни авиони, пловни објекти и локални рибари кои добро ги познаваат водите.

Меѓу 67-те спасени има 41 маж, 11 жени и 15 деца.

Преживеаните раскажуваат дека траектот почнал да се навалува неколку часа пред да се преврти.

Адам Матабик, кој патувал со сопругата, братот, снаата и тројца внуци, изјави дека навалувањето првично го припишале на немирното море.

„Мислевме дека се работи за бранови и продолживме да спиеме“, рече тој.

Набргу потоа траектот се превртел.

„Завршив во водата. Успеав да дофатам појас за спасување и цела ноќ пловев по морето“, раскажа Матабик.

Неговата сопруга Карлита, која не знае да плива, останала заробена во превртениот траект сè додека до неа не допловил појас за спасување.

„Почнав да се молам“, изјави таа.

Додека во темнината го повикувала сопругот, почувствувала некој да ја повлекува за косата.

„Тоа беше Адам“, рече таа.

Двајцата, заедно со помладиот брат на Адам, Натаниел, ја поминале ноќта во морето, сè додека спасувачите не ги пронашле по изгрејсонце.

„Бог го расчисти небото и нè спаси“, изјави Карлита.

Но нивната радост е засенета од трагедијата. Сопругата на Натаниел, Рејчел Велч, и нивните три деца – осумгодишниот Натаниел Помладиот, петгодишната Наталија и тригодишниот Езекиел – сè уште се водат како исчезнати.

Според семејството, Рејчел била исфрлена од лежалката кога траектот се превртел и очајнички се обидувала да стигне до своите деца пред тие да исчезнат во морето.

Друга преживеана, Лорин Синг, трговка која редовно патува во Порт Каитума за да продава облека, преживеала држејќи се за истиот појас за спасување со Карлита.

„Држи се за мене“, ѝ рекла Карлита.

Двете жени останале заедно во морето цела ноќ, сè додека не биле спасени.

Властите соопштија дека се контактирани семејствата на сите евидентирани патници и членови на екипажот, додека потрагата по исчезнатите продолжува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот