АфД порачува: „Ќе владееме со Германија“
Германската крајнодесничарска партија АфД на конгресот во Ерфурт повторно ја избра Алис Вајдел за копретседателка и ја потврди амбицијата да ја преземе власта во Германија.
Алтернатива за Германија (АфД) на својот сојузен партиски конгрес уште еднаш ја потврди амбицијата да дојде на власт во Германија.
Препорачано
На затворањето на собирот во Ерфурт, главниот град на сојузната покраина Тирингија, повторно избраната копретседателка Алис Вајдел порача:
„Ние сме најсилната политичка сила. Ние сме народна партија со 30 проценти поддршка. И ние ќе владееме.“
Притоа таа се повика на актуелните анкети за јавното мислење.
Претходно, делегатите го потврдија двојното лидерство во партијата. Алис Вајдел, која беше главна кандидатка на АфД на изборите за Бундестагот во 2025 година, го подобри својот резултат во споредба со изборите пред две години и освои 81,3 проценти од гласовите.
Нејзиниот копретседател Тино Хрупала, пак, загуби значителен дел од поддршката и доби само 70 проценти од гласовите.
За Вајдел уште поважно е што во новиот сојузен партиски одбор беа избрани бројни нејзини поддржувачи, дел и по директни внатрепартиски натпревари меѓу кандидати. Со тоа докторката по економски науки дополнително го зацврсти своето влијание врз политичката насока на АфД.
Во партијата и во германските медиуми веќе подолго време се шпекулира дека Вајдел во иднина би сакала самостојно да ја предводи АфД.
Ветер во грб за крајната десница
Составот на новоизбраниот сојузен партиски одбор укажува дека АфД и натаму ќе инсистира на радикално дистанцирање од сите останати партии.
Дури шест од 14 членови на новото раководство доаѓаат од регионални организации кои германските служби за заштита на уставниот поредок ги класифицирале како докажано десноекстремистички.
Во партискиот врв влегува и Жан-Паскал Хом, политичар од крајната десница и претседател на новата партиска младинска организација „Генерација Германија“.
Во минатото Хом мораше да ја напушти работата во пратеничката група на АфД во покраината Бранденбург поради неговите врски со десноекстремистички кругови.
Во новиот сојузен одбор ќе членува и Штефан Мелер од Тирингија, еден од најблиските соработници на влијателниот политичар на АфД, Бјорн Хеке.
Хеке во 2025 година беше двапати правосилно осуден на парични казни поради користење на слоган поврзан со нацистичката паравоена организација СА од времето на Адолф Хитлер.
Неговиот близок соработник Мелер во иднина треба да биде задолжен за односите со германските безбедносни служби.
Под лупа на службите за безбедност
Германската служба за заштита на уставниот поредок останува една од главните мети на критиките на АфД.
Во пет германски покраини – Бранденбург, Долна Саксонија, Саксонија, Саксонија-Анхалт и Тирингија – АфД е категоризирана како докажано десноекстремистичка организација.
Во уште шест покраини, како и на федерално ниво, партијата се води како сомнителен случај на десен екстремизам и е под надзор на безбедносните служби.
Причина за тоа се бројни изјави на партиски функционери насочени против парламентарната демократија и независното судство.
Особено внимание привлекуваат ставовите на дел од политичарите на АфД кои го доведуваат во прашање еднаквиот правен статус на германските граѓани, особено кога станува збор за мигранти, муслимани или црнци.
И самиот Штефан Мелер претходно ја доведуваше во прашање еднаквоста на сите германски државјани. Така, во 2023 година на платформата Икс напиша:
„За тоа дали некој е Германец одлучува она што го има меѓу ушите, а не она што пишува на хартија.“
Дисциплина наместо внатрешни судири
За разлика од претходните конгреси на АфД, овојпат немаше големи внатрешни конфликти.
Во минатото, партиските собири често беа обележани со жестоки пресметки меѓу различни фракции, а неколку партиски лидери беа принудени да се повлечат по остри внатрешни конфликти.
Во Ерфурт, пак, сè беше ставено во функција на дисциплината.
Со оглед на тоа што во текот на 2026 година ќе се одржат уште три важни покраински избори, а АфД сака да освои мнозинство и да формира покраинска влада во Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Предна Померанија, раководството настојуваше да избегне секакви јавни поделби.
Во тоа успеа.
Но, отсуството на конфликти значеше и отсуство на подлабоки политички дебати.
Во својот говор Вајдел главно се задржа на општа критика на германските влади во последните две децении.
„Спасувањето на еврото, спасувањето на бегалците, спасувањето на климата и спасувањето на Украинците, заедно со доследната деиндустријализација и катастрофалната енергетска политика, претставуваат преголем товар за луѓето во нашата земја“, изјави таа.
Во минатото АфД бараше враќање на нуклеарната енергија, обновување на испораките на руски гас за Германија, укинување на климатските мерки и прекин на германската поддршка за Украина.
На овој конгрес Вајдел не претстави конкретни нови мерки, туку повторно потенцираше дека АфД сака да ја преземе одговорноста за управување со државата.
На крајот, поздравена со аплауз од делегатите, таа повика на германски патриотизам:
„Да ја обоиме целата земја во црно, црвено и златно. Црно, црвено и златно – тоа го живееме! Тоа се нашите бои!“
Мирни протести против АфД
Конгресот на АфД во Ерфурт беше проследен со главно мирни протести на кои, според процените, учествуваа десетици илјади луѓе.
Протестите беа организирани од синдикати, католичката и протестантската црква, политички партии и бројни граѓански организации.
На еден од собирите, директорот на меморијалниот центар на поранешниот концентрационен логор Бухенвалд, Јенс-Кристијан Вагнер, порача:
„Ремигрирајте се во учебниците по историја!“
Со тоа тој алудираше на претходни предлози од некои политичари на АфД за таканаречена „ремиграција“, односно протерување на странци од Германија, вклучително и на лица кои со години легално живеат во земјата.
Извор: DW/ Автор: Ханс Фајфер


