Дијана Мариновска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дијана Мариновска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мариновска: Дубалката и „паткањето“ можат да го забават проодувањето на детето

Слушај ја веста

Лазењето е корисно за развојот на бебето, но не е предуслов за правилно проодување. Многу поважно е детето да се развива во природна средина, без форсирање и без помагала што можат да го нарушат природниот моторен развој. Ова во интервју за „Слободен печат“ го истакна детскиот физиотерапевт Дијана Мариновска од „Аџибадем Систина“, која зборуваше за најчестите дилеми на родителите околу развојот на најмалите.

Според Мариновска, иако лазењето позитивно влијае врз координацијата и развојот на мозокот, нема причина за паника ако детето директно почне да оди.

-Секогаш е подобро бебето да лази затоа што така се стимулираат двете мозочни хемисфери, се подобрува координацијата и когнитивниот развој. Но, дете кое не лазело нема задолжително да има некаков недостаток. Тоа може сосема нормално да се развива и директно да прооди – вели Мариновска.

Една од темите што најчесто предизвикува поделени мислења меѓу родителите е користењето на дубалка. Мариновска вели дека и самата, како мајка на близнаци, направила грешка користејќи го.

-Го гледав дубакот како олеснување затоа што имав близнаци. Но подоцна видов дека тоа што го покажуваат научните истражувања навистина се случува. Моите деца научија брзо да се движат во дубакот, но кога требаше самостојно да проодат, телото веќе имаше усвоено погрешни модели на движење – објаснува таа.

Таа додава дека дубалката не значи дека детето нема да прооди или дека ќе има трајни последици, но може да го направи периодот на учење потежок.

-Во дубакот детето не учи правилно да ја пренесува тежината од една на друга нога, ниту да ја развива рамнотежата. Не значи дека ќе остане со деформитети, но подоцна ни треба повеќе време за да го вратиме развојот во природен тек – вели Мариновска.

Мариновска смета дека родителите не треба да ги држат децата за раце со цел побрзо да проодат.

Дијана Мариновска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дијана Мариновска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

-„Паткањето“ е исто така форсирање. Детето треба само да дојде до моментот кога ќе се исправи. Нашата улога е да му обезбедиме безбедна средина – ниско столче, масичка или мебел за кој ќе може да се придржи. Понекогаш треба само да му покажеме еднаш или двапати, а потоа да му дозволиме самостојно да се обиде – вели таа.

Според неа, повеќето деца почнуваат да се исправуваат по десеттиот месец, а најголем дел проодуваат околу првиот роденден. Сепак, здраво дете може нормално да прооди и до 18 месеци.

-Ако гледаме дека детето подоцна седнува, не лази, не се исправува или е помалку активно од очекуваното, нема причина да се чека. Подобро е навреме да се направи проценка кај детски физиотерапевт – вели Мариновска.

Таа нагласува дека физикалната терапија кај бебињата не треба да ги плаши родителите.

-Многумина мислат дека тоа е нешто сериозно и болно. Всушност, најчесто станува збор за игра. Просторот личи на игротека, а преку игра го стимулираме детето да ги совлада следните развојни чекори – вели Мариновска.

Таа предупредува дека некои деца можат предолго да останат во фазата на лазење.

-Лазењето е одлично, но ако трае предолго, детето нема мотив да премине на следната фаза бидејќи со лазење стигнува до сè што му е потребно. Во тие случаи со неколку насочени вежби му помагаме да почне да се исправува и да оди – вели физиотерапевтката.

Во интервјуто Мариновска зборуваше и за прекумерната заштита на децата, особено за популарните заштитни ранчиња што се ставаат на грбот за да не ја удрат главата при пад.

-Детето мора да научи да паѓа. Не зборуваме за опасни ситуации, туку за нормални падови кои се дел од развојот. Ако постојано го штитиме, му ја одземаме можноста да научи како да реагира и да ја процени опасноста – вели Мариновска.

Според неа, децата кои добиваат можност самостојно да истражуваат, да паѓаат и повторно да стануваат развиваат поголема самодоверба и подобри способности за решавање проблеми.

-Не треба веднаш да трчаме да му помогнеме секогаш кога нешто нема да му успее. Треба да му дадеме можност повторно да се обиде. Така се развива упорноста, самостојноста и сигурноста – вели таа.

Мариновска ги охрабрува родителите што повеќе време да поминуваат со децата на отворено.

-Песокот, тревата, различните текстури и новите средини се одлична сензорна стимулација. Често гледаме дека токму за време на летниот одмор многу деца прават голем напредок – почнуваат да седнуваат, да лазат или да проодуваат – вели Мариновска.

Дијана Мариновска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дијана Мариновска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Таа додава дека нема потреба бебињата со месеци да се држат затворени дома.

-Треба да излегуваат надвор уште од најрана возраст. Секако, во чиста и безбедна средина, но не треба да се плашиме од тревата, песокот или од тоа дека ќе се извалкаат. Тоа е дел од нивниот природен развој – вели таа.

За крај, Мариновска упати порака до родителите да не чекаат проблемот сам да се реши.

-Ако имате дилема, побарајте совет навреме. Понекогаш е доволна една консултација за да добиете насоки што да правите дома. Колку порано се реагира, толку полесно се надминуваат евентуалните доцнења во развојот – порача детскиот физиотерапевт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот