Бебиња облечени во партали на ГАК, душеци што „тонат“, лебарки и дрзок одговор: „Ова не е бутик“
Неприкладна сцена, каде мајка првпат бебето на Клиниката за гинекологија и акушерство си го видела облечено во парталава бенкичка со дупки, ја отвори Пандорината кутија за севкупната грижа и однос кон новите мајки по породувањето во најголемото родилиште во Македонија.
Препорачано
Контроверзната, табу-тема за акушерското насилство, за неприкладниот однос кон тазе породените жени, дрските и арогантни коментари во болнички услови во првите денови по нивното породување, престануваат да бидат нешто за што не се зборува отворено – жените очекуваат и бараат повеќе од основниот минимум и повеќе не се задоволуваат со однос како да се натрапнички во сопствениот здравствен систем.
Мајката за „Слободен печат“ рече дека се породила во првата половина на јуни. Бебето ѝ било донесено во собата да го види за првпат, во парталава облека со дупки, а правилата на ГАК налагаат никако да не се дозволува мајката да носи своја облека во која ќе го пресоблече бебето додека е хоспитализирана и исклучиво е дозволено да го пресоблече при испис од болницата. Ова се прави од хигиенски, санитетски и здравствени причини.
-Целото бенкиче беше со дупки, се распаѓаше и беше круто на допир. Прво, не е ни хигиенски тој распаднат материјал да се става на кожата на бебе. Не бараме луксуз, но барем да се задржи достоинството на државната институција и здравството кое сите го плаќаме и да се држи барем до некои минимални достоинствени стандарди. Кога ги замолив да ми дадат друго бенкиче, добив дрзок одговор дека не сум во бутик, иако видов со свои очи дека шкафчето со облеки им беше полно, што во тие ранливи и болни постпородилни моменти уште повеќе ми го скрши срцето и духот како тазе родилка со огромна физичка болка, наплив на емоции и хормони и беспомошност, посочува таа.

Во групата на Фејсбук „Труднички муабети“ објавата со фотографиите од новороденчето во искината бебешка облека која ја има самата болница, ги мотивираше и другите мајки да споделуваат негативни искуства за понижувачките коментари од страна на средномедицинскиот персонал и болничарките во Клиниката, лошата хигиена и лебарките што со влечки жените ги убиваат по ѕидовите на оваа универзитетска клиника.
-Мене срце ме заболе кога за првпат си го видов бебето како парталка, полошо од Пепелашка, а прво бебе, после толку тешко и доста трауматично породување, пред сè поради некултурниот однос на болничарките на ГАК, а потоа секако и целата физичка болка и мака кога зборуваме за породување со провокации – пишува мајката.

Нејзината цел е да се подигне свеста за пропустите во здравствениот систем и работите да се подобрат. Незадоволството од третманот на Универзитетската клиника е најголемо од болничарките, медицинските сестри и персоналот задолжен за носење на бебињата кај родителите.
-ГАК мора да се преиспита за лебарките во собите и тоалетите на родилките, тоалетите на Одделот за патолошка бременост кои немаат даски за седење на школките, за неменувањето на ноќница кај трудниците што повеќе од 4 дена лежат на Одделот за патолошка бременост, за климатизерите што работат или не работат или едвај ладат и се извор на бактерии, за дрскиот и арогантен однос кон родилките, за игнорирањето на пациентките при молба за преглед или давање лекови или при болки. Одговорот на персоналот е секогаш дека тие не се задолжени за тоа и ќе дошле доктори на визита, а помошта никогаш не стига. Треба да се преиспитаат за ненавременото и несоодветно прегледување на трудниците и проценка кога ќе се породат, неедуцирањето на родилките при првото менување пелени, облекување и доење, за нетрпеливоста кон родилките, присилувањето на родилките со свеж царски рез да дигаат и да кријат куфери од 7 килограми и притоа да крварат со огромни болки, да чистат соби пред визита, а на визита да не добијат ни соодветен преглед, вели таа.
Дел од породените жени, исто така имаат замерка што нивното машко новороденче им го донеле во розови пижами со црвени цветчиња. Извори вработени на ГАК ни потврдија дека секој ден има забелешки и замерки од породените жени за бојата на облеката.
-Секој ден реагираат, јас ја вртам работата на смеа ама попусто е некогаш – рече нашиот извор вработен на ГАК.
И покрај тоа што ГАК постојано се реновира, зад козметичките промени уште на одделението за ургентна гинекологија (каде што се донесени жени со абортуси, крвавења итн.) душеците се барем 10 години стари и изгледаат вака:

Мајката чие женско бебе прво ѝ го дале облечено во парталавото бело бенкиче објавено на фотографиите, додава дека по вториот обид да го пресоблечат бебето, ѝ дале машко бенкиче, сино со колички.
-Реков ќе премолчам и за ова, ама ми дојде грутка во грлото, па тука се созедов и изреагирав, по што повторно со дрзок однос ми фрлија на креветот друго бекиче со прекор. А ти се заблагодаруваш до небо, мислиш ти подариле корка леб. Мизерно, понижувачки и преболно за секоја нова мајка – пишува таа.

На објавата на Фејсбук нема убави зборови за емпатијата на вработените, особено средномедицинскиот персонал.
-Буквално истото го доживувам 5 дена откако се породив. Исто како јас да сум го пишувала ова. Плачам секој ден, ќе си речеш хормони, ама ваков однос без емпатија немам видено никаде. Притоа колешка сум им од хирургија, спроти нив – напиша штотуку породена здравствена работничка.
Родилките пишуваат дека персоналот е дрзок.
-Да не зборувам за дрскоста на персоналот. Мене бидејќи ми е прво бебе, ми беше страв да го облечам сама и бев докај сестрите да побарам помош. Но добив дрзок одговор дека морам сама и дека таа немала време да се „мавта“ со мене – пишува друга жена.
Лавината забелешки и замерки за односот на персоналот не стивнува под објавата со искинатото бенкиче.
-Во нашата соба донесоа жена чија состојба очигледно не беше за Патологија туку за Интензивна нега. Заедно со цимерката им се обративме на сестрите, а тие ни одговорија дека немале каде да ја сместат и нè прашаа дали мислиме дека сме во хотел. Додадоа дека и ние еден ден ќе имаме болки и другите ќе мора да нè трпат – пишува трета породена жена.
Бројните коментари на објавата откриваат дека некои мајки породени пред 2-3 години го препознаваат истиот модел на распарталеното бенкиче, во кој им биле донесени и нивните бебиња. Тие прашуваат дали на ГАК ѝ е потребна донација на облека, потсетуваат дека секое бебе и мајка имаат право на достоинствен однос, а жените во состојбата на ранливост после породување, не го заслужуваат однесувањето на прегорениот кадар.
-Слични вакви слики се обидувам да заборавам скоро две години, навреди, арогантност и зборови што две години ги слушам штом ќе си го погледнам детето, дека ќе сум си го убиела бидејќи не знам да туркам, зборови дека сум била разгалена зашто не сум знаела да дојам, зборови дека тие немаат чаршафи за нас што крвавиме како крави, дека жените што доаѓаат тука биле смрдливи, дека немаат тие време за секоја посебно да ни помагаат да станеме и еден куп други работи, демек тоа таму било привилегија, пишува мајка што се породила на ГАК пред две години.
Друга пак, се надоврзува:
-Да се надоврзам, бараат 12 часа после породувањето да исчистиш пред да дојде визитата, те стануваат со дерење и однесување како да си во војска, за на докторката да ѝ било чисто, ама затоа четири дена бев со истата ужасна крвава постелнина што ја молев да ми ја сменат. Нивниот пропуст не им пречи, само „пропустот“ на родилката смета – пишува таа.
Искинатото бенкиче, иако може да изгледа како да не е толку важно како успешното и некомплицирано породување и споредено со медицинската интервенција и процедура можеби некому му изгледа како „ситен детаљ“, сепак за новите мајки претставува симбол за навреда.
„За мене лично овој чин е недопустлив, навредлив и непростлив како мајка, но и како граѓанин на оваа држава кој редовно плаќа придонеси, сметки и си ја сака државата и го доживувам како навреда и казна од страна на државата што сум се одлучила да се породам на државно на ГАК, а не приватно“, посочува жената.
„Слободен печат“ стапи во контакт со портпаролката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство која вети одговори, но до објавувањето на овој текст не ги испрати. Доколку тие пристигнат, текстот ќе биде ажуриран.
ВИДЕО | Срамота е да биде „табу“ што жените во Македонија поминуваат низ постпородилна депресија


