Владата преку „Месеци на практиканство“ сака да ги вклучи студентите во работата на општините
ВМРО-ДПМНЕ информира дека Владата од август ќе ја започне програмата „Месеци на практикантство“, преку која предвидува студентите да се вклучат во работата на општините.
Препорачано
„Наместо да бидат неми набљудувачи, младите ќе станат активни учесници во подобрувањето на локалната самоуправа“, соопштија од владејачката партија.
Според партијата, програмата ќе се реализира во текот на август и септември во соработка со државните универзитети, а ќе биде дел од стратешката соработка меѓу Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.
Планот е Агенцијата да го координира вклучувањето на студентите, додека Министерството за локална самоуправа да ја организира практичната работа во согласност со потребите на општинските администрации.
„Преку грант-програмите на ИНОВА ќе се поддржат стартапи, иновативни компании и претприемачи кои ќе понудат конкретни решенија за проблемите на општините. Средствата ќе одат кај идеи што носат резултати, а не кај проекти што завршуваат во фиока“, стои во соопштението на партијата, која дополнува дека со програмата „се создаваат нови можности за младите, се зајакнува локалната самоуправа и се поттикнува поврзувањето на институциите, универзитетите и бизнис-заедницата“.
Од партијата не даваат конкретни информации како ќе оди пријавувањето и изборот на студенти за оваа програма.
Владејачката партија уште од предизборниот период најави дека јавните институции ќе ги отворат своите врати за волонтирање и практична работа, но, сепак оваа мерка досега не е исполнета.
Тоа беше евидентирано од платформата „Компас“ на група организации, која ги следеше ветувањата до половината од мандатот на Владата. Според платформата, од 31 следено ветување за младите, досега само четири се реализирани, пет се во насока на исполнување, а 22 воопшто не се реализирани, како што е и мерката за практиканство. Исто така, меѓу другите, засега на хартија останаа и мерките за младински центри во секој град, секој студент да работи со скратено работно време, за 5.000 обуки за дигитални вештини, како и младинските попусти за театар, автобус и спортски натпревари.
Половина мандат на Владата – младите засега останаа без ветените центри, попусти и вработувања


