Фото: Државен инспекторат за животна средина

На тендер се бара фирма што ќе го дочисти опасниот линдан од малата депонија во ОХИС

На тендер се бара фирма што ќе го дочисти остатокот од линдан во малата депонија во ОХИС. Се работи за дел од третиот, како и четвртиот и петтиот базен на депонијата, во кои сѐ уште стои опасниот отпад, поради кој овој локалитет е вброен меѓу „жешките еколошки точки“ во Македонија, јавува агенцијата Мета.

Тендерот следува откако минатата година во декември Владата најави дека ќе обезбеди 12 милиони евра за чистење на историскиот отпад, што повеќе од четири децении му се заканува на Скопје. Парите ќе се распределат во три години за целосно расчистување и ремедијација на една од трите депонии од некогашната хемиска фабрика.

Досега, од почетокот на проектот во 2021 година, од малата депонија се ископани и уништени 1.969 тони линдан и 586 тони контаминирана почва. За целосна санација на локацијата преостануваат приближно 916 тони ХЦХ отпад, 2.191 тон контаминирана почва, 1.121 тон контаминиран бетон, како и околу 70 тони почва контаминирана со жива.

Од Министерството за животна средина информираат дека на средината на мај Канцеларијата на ОН, УНОПС објави меѓународен тендер за избор на изведувач за финалната фаза од санацијата делта ХЦХ депонијата во ОХИС. Рокот за доставување на понуди е 7 јули, потоа следува евалуација, па, откако ќе заврши тендерската постапка, следува подготовка на терен, со што санацијата се очекува да почне во септември.

Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево каде лежат околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло. Од Министерството велат дека во рамки на проектот „Национален фонд за животна средина“, кој го спроведува УНОПС во соработка со Генералниот секретаријат на Владата, предвидено е спроведување детални теренски истражувања на големата депонија контаминирана со алфа и бета ХЦХ отпад.

Депониите со опасен отпад се резултат на работењето на погонот за линдан, што во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато производството од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.

Влијанието на линданот и неговите изомери врз животната средина и здравјето на луѓето е огромно. Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанции со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.

Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанција која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија конвенцијата ја потпиша на 23 мај 2001 година, а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во собранието на Македонија.

Малата депонија со линдан во Охис ќе се чисти уште најмалку три години

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот