Фото: Министерство за животна средина

Малата депонија со линдан во Охис ќе се чисти уште најмалку три години

Во моментов се подготвува тендер за избор на изведувач кој ќе треба да го заврши санирањето на малата депонија со линдан во Охис, која ќе се чисти уште најмалку три години. Досега целосно се исчистени два и поголем дел од третиот базен на депонијата, а остануваат уште два, пренесува агенцијата Мета.мк.

Од Министерството за животна средина потсетуваат дека на крајот на декември е потпишан нов договор со УНОПС, за да се обезбедат средства во висина од 750 милиони денари. Со овие пари треба да се заврши чистењето на сите пет базени на малата депонија и да се ревитализира просторот.

„Првата транша е веќе префрлена од државниот буџет и се подготвува тендер за избор на компанија која ќе продолжи да чисти. Владата донесе заклучок дека во следните три години ќе се обезбедат сите потребни средства за да се заврши овој проект, што значи дека ова ќе биде последниот тендер кој се распишува. Претпоставуваме дека се останати, не повеќе од 1.000 тони отпад од ХЦХ, но мора да се има во предвид дека ќе треба да се отсранат и бетонските базени, кои исто како и почвата се контаминирани“, соопштуваат од министерството.

Чистењето на малата депонија со линдан започна во март 2022 година, а според првичните најави требаше да заврши за најмногу 18 месеци. Според испитувањата, во неа се преостанати 636 тони линдан, 2.613 тони контаминирана земја, 1.120 тони контаминиран бетон и околу 70 тони жива. Околу 1.781 тони земја која се наоѓа помеѓу базените, поради нискиот степен на контаминација, не се препорачува да се третира термички и истата ќе остане во малата депонија.

Досега се ископани и спалени 1969 тони HCH отпад и 586 тони на контаминирана почва, или околу 60 отсто од отпадот. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка.

Владата најави дека ќе продолжи чистењето на линданот од ОХИС, УНОПС дава нови 12 милиони евра

Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево, каде лежат околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките.

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Токму затоа Охис е вброена меѓу 16-те „најжешки еколошки точки“ во Македонија, заедно со локалитетот со шествалентниот хром кај Југохром, со троската од Топилницата во Велес, а меѓу нив е и Лојане – каде со години се загадени водите и почвите со арсен и антимон.

Мицкоски најави нов рудник за антимон, а отровите од старото жариште уште не се исчистени

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот