Петар Георгиевски – Камиказа / Фото: Фејсбук/Петар Георгиевски – Камиказа

Перо Камиказа завршил во болница откако паднал од велосипед — добил потрес на мозокот

Фронтменот на рок-групата „Меморија“, Петар Георгиевски – Перо Камиказа (65), откри дека пред неколку дена доживеал незгода додека возел велосипед на кејот на Вардар. По судир со трчач, музичарот завршил во Ургентниот центар со потрес на мозокот, четири конци на главата и повеќе нагмеченици.

За несреќата се огласи преку Фејсбук, каде што детално опиша како се случил инцидентот.

„Завчера, во 6.30 часот наутро, патеката на кејот, на стотина метри пред ‘Аминта Трети’, ја видов од еден сосема поинаков ракурс – препружен на асфалтот, со лицето кон Бога. Возејќи во мојата лента, крајно десно, од другата страна ми истрча трчач кој, без да се сврти, влета во мене и, благо речено, ме среди. Добив потрес на мозокот, четири конци на главата, неколку нагмеченици и очила претворени во сол, а велосипедот, за дивно чудо, остана читав“, напиша Георгиевски.

Тој откри дека трчачот веднаш признал дека ја предизвикал незгодата и останал со него сè до пристигнувањето на неговата ќерка.

„Дечкото што ми излета беше видно вознемирен и постојано се извинуваше. Се гледаше дека е редовен трчач, многу културен и исплашен. Цело време беше со мене, сè додека не дојде ќерка ми. Ми го остави бројот од телефонот и си замина“, раскажува тој.

По укажаната прва помош на местото на несреќата, бил пренесен во Ургентниот центар, каде што му биле направени компјутерска томографија и повеќе прегледи.

„Конечно се појави докторот и рече дека ќе можат да ме шијат бидејќи нема внатрешно крварење. Дојде докторката Јасмина од Пластична хирургија со уште еден колега, ме сошија и, конечно, заминав дома. Голема благодарност до сите во Ургентниот центар за брзата интервенција и сè што направија за мене“, напиша Перо.

Во објавата откри и дека, иако лекарите констатирале стари повреди на вратот, тие не биле поврзани со оваа незгода.

„Потоа следуваа компјутерска томографија, неколку прегледи и долго чекање, по што лекарите утврдија дека старите повреди изгледале како нови. За секоја од нив си ја знам историјата, но докторот се чудеше како воопшто функционирам со така свртен Ц2 пршлен на вратот. Но, тоа е веќе друга приказна“, додаде тој.

Георгиевски упати и апел до сите што ги користат патеките покрај Вардар.

„Да ве замолам, не ги пуштајте кучињата по велосипедската патека, бидејќи тоа е опасно и за милениците и за нас. Колегите тркачи нека трчаат во својата лента, а оние што го менуваат правецот нека погледнат дали доаѓа некоја ваква ‘будала’ како мене“, порача тој.

На крајот од објавата, музичарот истакна дека закрепнува и со оптимизам гледа напред.

„Сполај му на Бога што ме остави само со опомена. Иако немам никаква вина, можеби сè ќе имаше поблаг епилог ако возев поспоро, а не со 35 километри на час. Егејска тврда глава не се расцепи, да се пошегуваме на крај. Сполај ти, Боже, што ми даде шанса да продолжам. Се гледаме набрзо на кејот и, се разбира, на концертот на 23 октомври во ‘Јане Сандански’“, напиша Перо Камиказа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот