Николина Андова Шопова, добитничка на „Браќа Миладиновци“ на СВП 2026 / Фотографија: СВП

ИНТЕРВЈУ I Николина Андова Шопова, добитничка на „Браќа Миладиновци“ на СВП: Поезијата секогаш нè враќа на почетокот

Збирката „Во куќата“ на Николина Андова Шопова, во издание на „Бегемот“, е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, а наградата традиционално на лауреатката ѝ беше врачена на поетското читање „Мостови“ во Струга.

Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата. Добитници на наградата се најзначајните автори од, речиси, секоја поетска генерација. Годинава во таа низа на големи поетски имиња е впишано и името на Николина Андова Шопова.

Поетската награда „Браќа Миладиновци“ на СВП има престижна позиција во македонската поетика. Како го чувствуваш нејзиното значење неколку дена откако ја доби?

– Голема чест е да се прими награда што има толку значајна традиција и тежина. Особено кога сте свесни дека низ годините таа им припаднала на автори кои оставиле длабока трага во македонската литература. Самото сознание дека вашето име е во такво друштво носи искрена благодарност, но и чувство на одговорност.

Сепак, книжевните признанија, колку и да се важни, не го менуваат суштински односот меѓу поетот и песната. Тие можат да донесат радост, да потврдат дека некој внимателно го прочитал и го вреднувал вашето дело, но не можат да ја напишат следната песна. Тоа останува еднакво тешко и исто неизвесно како и првиот пат.

Поезијата, на некој начин, секогаш нè враќа на почетокот. Пред празниот лист нема предност од претходните успеси, нема сигурност што може да се повика како гаранција. Секоја нова песна бара ново сомневање, нова подготвеност да се ризикува, песната бара да ѝ кажете нешто што сè уште не го знаете ни самите. Можеби токму затоа наградите имаат најголема вредност кога не се доживуваат како крајна цел, туку како поттик. Тие се, меѓу другото, охрабрување да се продолжи понатаму, со истата љубопитност и со истата одговорност кон зборот.

Врачувањето на наградата се одржа на меѓународното поетско читање „Мостови“ – Наташа Аврамовска и Николина Андова Шопова / Фотографија: СВП

Во Струга бевте присутни четворица од петте автори што влеговте во финалниот круг. Како си поминавте на фестивалот?

– Фестивалите освен по програмата, се памтат и по разговорите што никој не ги планирал. По некое кафе што продолжило во прошетка, по реченицата што некој случајно ја кажал, а останала да одекнува подолго од која било официјална беседа. Така беше и во Струга. Не мислам дека бевме четворица финалисти. Повеќе ми личеше на четворица луѓе што случајно ја делат истата опсесија со зборовите, а секој од нив се обидува да ја реши на свој начин. Во такви средби наградата речиси престанува да биде најважната тема. Почнувате да зборувате за книги, филмови, музика, а понекогаш и за сосема обични работи.

Инаку, фестивалот и оваа година донесе различни гласови од повеќе земји, а од настаните што успеав да ги проследам би го издвоила претставувањето на годинашната лауреатка на „Златниот венец“, Анеке Брасинга, како и настапот на шкотскиот поет Питер Мекеј и неговата книга „Неред“, во одличен превод на Никола Ѓелинчески.

Твоето „дружење“ со наградите во Струга има долга традиција. Уште со деби-збирката „Влезот е од другата страна“ во 2013 година ја доби награда „Мостови на Струга“. Како гледаш на оваа последователност?

– Кога првата книга ќе биде наградена, тоа често се доживува како некаков знак дека патот што сте го започнале има смисла и дека вреди да се продолжи. Во тие моменти наградата делува како привремено осветлување на текстот, како краток блесок што ја прави појасна насоката во која се движите. Наградата „Мостови на Струга“ во 2013 година ми отвори значајни можности: учества на разни европски фестивали, преводи, средби со читатели и автори… Во еден момент станува јасно дека песните престануваат да бидат затворени во местото на нивното настанување и почнуваат да живеат сопствен живот, да патуваат и да се менуваат низ различни читања и јазици.

Но, со одредена временска дистанца, добивате чувство дека поезијата не се сеќава премногу на тие признанија. Човек, секако, може да ги памети и да им се радува, но пишувањето останува врзано за истите неизвесности, истите сомнежи и истата борба со јазикот, без оглед на тоа што се случило претходно.

Ако погледнеме пошироко, добитничка си и на наградата „Роман на годината“ за твојот деби-роман „Некој бил тука“. Кое е суштинското значење на добиените награди?

– Наградите имаат важно, но ограничено значење во книжевниот живот. Тие можат да го насочат вниманието кон едно дело, да го стават под свој вид рефлектор и да го направат повидливо за поширока публика. И затоа тие се корисен механизам за препознавање и циркулација на литературата. Но не можат да го променат суштински квалитетот на пишувањето, ниту да го направат некого подобар писател. А и самиот писател ако седне да пишува со првенствена цел да добие награда или да се следи актуелен тренд, таа претенциозност често се препознава во самиот текст. Пишувањето тогаш почнува да се приспособува на очекувања наместо на внатрешна нужност, што лесно ја ослабува неговата автентичност.

Од друга страна, постојат многу значајни автори што никогаш не добиле награди или останале надвор од институционалните кругови на видливост. А ги памтиме, цитираме, читаме, препрочитуваме. Затоа читателот не треба да се води исклучиво според признанијата, туку пред сè според самиот текст и неговата сила. Наградите се корисна ориентација, но не и конечна мерка за вредноста на литературата.

Книжевните признанија, колку и да се важни, не го менуваат суштински односот меѓу поетот и песната / Фотографија: СВП

Најновата награда ја доби за збирката поезија „Во куќата“ (2026), објавена од „Бегемот“. Каков импулс те поведе кон пишувањето на песните во двата циклуса во книгата?

– Импулсот за песните во „Во куќата“ не беше однапред јасно дефинирана тема, туку повеќе чувство дека одредени искуства и слики се враќаат упорно и бараат форма. Пишувањето почна од тие повторливи внатрешни движења – од ситуации што не завршуваат со самото нивно случување, туку продолжуваат да се преработуваат во сеќавањето и јазикот. Со текот на времето стануваше сè појасно дека дел од тие движења не се исклучиво лични, туку како да доаѓаат од подлабоки слоеви на искуството. Чувството дека она што го живееме често не ни припаѓа само нам, туку доаѓа како продолжение на претходни животи и односи, втиснати во начинот на кој реагираме, паметиме и молчиме. Во тој контекст, со текот на времето почнав да размислувам и за еден подлабок слој што се провлекува низ пишувањето, а кој би можел да се опише како форма на наследено искуство. Тука не мислам на биографска или семејна меморија, туку на емоционални и духовни траги што се пренесуваат без јасен наратив, но сепак се чувствуваат како присуство. Како одредени чувства, стравови или начини на молчење да не припаѓаат исклучиво на личниот живот, туку да се продолжение на нешто постаро. Нешто што не е секогаш именливо, но се појавува во начинот на кој реагираме, во повторувањата, во одредени внатрешни напнатости што не знаеме од каде точно доаѓаат.

Во духовна смисла, тоа не го гледам како нешто затворено или детерминирачко, туку повеќе како поле на чувствителност – како да постојат слоеви на искуство што се прелеваат од генерација во генерација, а пишувањето понекогаш станува начин тие слоеви да се допрат без да се редуцираат. И не бараат „објаснување“, туку препознавање како дел од една поширока внатрешна историја.

Во тој процес, самото освестување на тие пренесени обрасци може да функционира како вид прочистување, што го менува нивниот интензитет. Тие не исчезнуваат, но стануваат поподносливи отворајќи простор за поинаков однос кон сопственото искуство, без да се претвори во лична приказна што нè затвора.

Така што, куќата не е сценографија, туку структура на присуство: таа е исполнета со траги што не се целосно видливи, но постојано се активни. Во таа смисла, пишувањето се движеше кон идејата дека домот не се поседува, туку се носи како слоевита и жива меморија што пулсира под кожата.

Во какви лични периоди се пишувани песните?

– Песните од збирката не се поврзани со еден конкретен личен период или единствена биографска точка, туку се пишувани во подолг временски распон, во кој се менуваше и самиот начин на гледање на работите. Дел од нив настануваа во моменти на повлекување и тишина, кога вниманието е поинтровертно насочено, а дел во периоди кога секојдневието само по себе наметнуваше одредени прашања и преиспитувања. Она што ги поврзува не е надворешната околност, туку внатрешната состојба на чувствителност кон нешта што не се веднаш видливи или јасно именливи. Во тие периоди често се појавуваше чувство дека одредени искуства не се затвораат со текот на времето, туку продолжуваат да се враќаат во различни форми, барајќи јазик со кој би можеле да се задржат, без да се поедностават.

Книгата ја објави „Бегемот“, а дизајнот на корицата е на Наталија Лукомска

Каква соработка со издавачот имавте околу уредувањето и дизајнот на книгата?

– Соработката со издавачот околу уредувањето и дизајнот на книгата течеше многу природно – брзо се разбравме околу клучните насоки, што ми беше особено важно, затоа што остава простор книгата да се обликува без вишок интервенции.

Посебно би ја истакнала работата на дизајнерката Наталија Лукомска, која секогаш успева да направи корица што не е само визуелно привлечна, туку и во духот на самата книга – како нејзино продолжение во друг медиум. Во овој случај, таа интуиција повторно дојде до израз, па визуелниот идентитет на книгата природно се надоврза на нејзиниот внатрешен тон и атмосфера.

Пред околу 12 години побарав од тебе да ми пратиш една песна и ми ја прати „Да изградиме куќа“. Сега зборуваме за збирка со наслов „Во куќата“. Која е длабоката врска помеѓу овие два настана?

– Дури сега, кога го прочитав прашањето, ја забележав таа врска. И уште еднаш ми се потврди тоа дека во творештвото некои мотиви не се појавуваат еднаш и исчезнуваат, туку се враќаат во различни облици, како да гравитираат околу одредени внатрешни тежишта. Се чини дека куќата дека не е само тема на една збирка, туку нешто што постоело и претходно, дури и кога не било именувано на тој начин. Врската не е директна и свесно воспоставена, туку повеќе ретроспективно видлива. Постојат некои опсесивни точки во пишувањето околу кои човек се навраќа без да го планира тоа, и дури подоцна сфаќа дека токму тие враќања го обликувале патот.

Која е твојата основна мотивација да се занимаваш со пишување, воопшто?

– Прашањето за мојата мотивација за пишување нема еден конечен одговор, туку повеќе е потреба да се остане во контакт со она што не е веднаш изговорливо. Пишувањето често почнува во моменти кога искуството не се затвора само по себе, кога нешто останува отворено, недоизречено или неразјаснето, и токму таму се појавува потребата да се добие форма преку јазикот.

Така што пишувањето не е обид да се даде дефинитивно толкување на работите, туку повеќе начин да се биде поблизу до нивната сложеност. Понекогаш тоа значи следење на мали, речиси незабележливи поместувања во перцепцијата, понекогаш враќање на исти теми од различни агли, без амбиција дека ќе се дојде до „заклучок“. Во пишувањето, исто така, постои и еден вид упорност да се остане во дијалог со сопственото искуство, но и со јазикот како нешто што истовремено открива и прикрива.

Што би бил твојот следен поетски или писателски предизвик?

– Во последно време сè почесто размислувам за тоа да се обидам да создавам и во други жанрови, роман во стих или, можеби, драма. Не како „напуштање“ на поезијата, туку како нејзино продолжување во други форми, каде што јазикот се однесува поинаку, има други ритми и други ограничувања. Ми се чини дека секој жанр е поврзан со еден особен начин на мислење. Поезијата е повеќе концентрирано дишење, додека романот отвора простор каде времето се шири, а ликовите почнуваат да живеат во сопствени насоки. Драмата, пак, има нешто директно и изложено – како да го става јазикот на сцена, без можност за сокривање.

Можеби токму затоа идејата за пробување нови форми ми е привлечна. Малку како кога човек е љубопитен за нови вкусови на сладолед – не затоа што постојниот повеќе не му е примамлив, туку затоа што постои љубопитност за нешто непознато, за нова комбинација што не ја очекуваш. Во таа игра меѓу познатото и непознатото, гледам можност за нов вид пишување, како проширување на истото внатрешно движење, само низ различни форми и гласови.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 338, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот