Разговор со театарскиот режисер Мирко Радоњиќ за „Теорема, леме“: Независната сцена ја дава најголемата слобода
Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје на 2 јули, на сцената во салата „Фросина“ во Младинскиот културен центар, премиерно ја изведе претставата „Теорема, леме“ поставена според романот и филмот „Теорема“ на Пјер Паоло Пазолини во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ од Црна Гора.
Препорачано
Идејата за поставување на претставата се појавила пред две години, додека активната подготовка на претставата „Теорема, леме“ траела два месеца. Во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ во процесот се вклучени драматургот Ева Камчевска и костимографот Лина Лековиќ од Црна Гора, додека преводот на текстот е на Наташа Сарџоска. Во претставата играат актерите Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски. Координатор на проектот е Бобан Алексоски од „Златен Елец“.
Режисерот Мирко Радоњиќ работел на театарски проекти на Кралскиот театар „Зетски дом“, Црногорскиот народен театар, Сараевскиот „Сартр“, во Суботица и други театри. Неговите претстави, како „Ана Каренина“, „Вујко Вања“, „Соби“ „Син“ и други се наградувани на значајни фестивали. Со претставата „Теорема, леме“ првпат работи со независен театар во Македонија.
Како се случи соработката со независниот театар „Златен Елец“ во Скопје?
– Пред неколку години со мојата претстава „Ана Каренина“, која ја поставив со драмското студио „Празен простор“ во Црна Гора, гостувавме на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ) во Скопје. Откако ја гледал претставата, ми се јави Бобан Алексоски и почнавме да разговараме за соработка. Преговорите траеја околу две години, бидејќи тој се обидуваше да ја состави продукциската рамка за претставата. Мене ми е многу драго што соработката ја правиме на независната сцена, во Младинскиот културен центар, каде што првпат се сретнавме.
Моите почетоци во Подгорица, во Црна Гора, исто така се поврзани со независната сцена, бидејќи таа сцена ја дава најголемата слобода. Вистина е дека независната сцена има најмногу ограничувања во однос на финансиите и условите за работа, но затоа не постои притисок, има отвореност и, на некој начин, имаш одврзани раце од страна на продуцентот да направиш претстава каква што сакаш и како што ја замислуваш.
Го дадов предлогот претставата да биде по текст на Пазолини, бидејќи кога се договаравме се одбележуваше јубилеј 75 години од смртта на Пазолини. Ми беше интересно тој радикален, но не толку интелектуално радикален роман со наслов „Теорема“, по кој е снимен и филм, да го преведеме на театарски јазик и да го поставиме на театарска сцена.

Кој е клучниот момент што ве наведе да ја поставите токму „Теорема“?
– Делото „Теорема“ го поставува прашањето што би се случило ако навистина би се сретнале со лицето на Господ? Пазолини не го открива ликот на странецот, кој во приказната доаѓа да го посети буржоаското семејство. Дури и вели дека ако делото има некаква поврзаност со Господ, тогаш тој е оној старозаветниот, кој не простува и кој се осветува. Но, размислував што би направил Пазолини во екот на денешната капиталистичка манија и лудило. Ме интересираше каде Пазолини би ја барал духовноста во денешното општество.
Во однос на претставата, за мене процесот не е само тоа што јас сакам да го направам како идеја, туку и начинот на кој таа идеја се формира и надградува заедно со екипата. Често велам дека ако за театарот размислуваме како за место на кое се собира заедницата, тогаш мораме да тргнеме од претпоставката дека ние веќе сме заедница. Нашата претстава многу точно зборува за отсутноста, за неможноста таа духовност да се пронајде, или во обидите да ја фатиме таа постојано ни бега и постојано е отсутна. Тоа е нешто што ме интересира и приватно и професионално. Затоа театарот го гледам како простор во кој може да се кажат некои вистини кои не се праволиниски, вистини околу кои не се согласуваме, вистини кои вознемируваат, а не да зборуваме само за вистини околу кои имаме консензус. Тој дуалитет на вистината и на сценското дејство ме интересира како тема за работа. Затоа не сакам да објаснувам што е пораката на моите претстави, бидејќи тие се случуваат во фантазијата на гледачите. Театарот е само полигон за да се поттикне фантазијата на гледачите и да се отвори низата на прашања.

Во однос на функцијата на театарот, за оваа претстава изјавивте дека е еден вид „скандал“. Во која смисла?
– Со претставата испитуваме што е театар, која е неговата цел, кои се неговите механизми и алатки, на кој начин може да се случи чудо во театарот и што би можело да биде театарско чудо. Кога зборував за праволиниските вистини, мислев на моментот ако, на пример, во театарот го критикуваме капитализмот, а свесни сме дека во театар доаѓа мал број луѓе, тогаш голема е можноста и тие да се од оние што го критикуваат капитализмот. И тие го гледаат тоа што ние го критикуваме, и сите се согласуваат, и во таква ситуација не постои никаков конфликт, никој не е испровоциран и сите удобно и угодно продолжуваме на коктел по претставата, каде се согласуваме дека уметноста може нешто да промени.
Во таа смисла, направивме претстава во која работите не се подразбираат сами по себе, претстава која не сакавме да биде малограѓанска. Пазолини ја мразел културата и говорел дека целата култура е буржоаска, и бил во право. Идеите можеме да ги сретнеме во уметноста, и можеби тоа е некој вид скандал. Во денешно време може да биде скандал од театарот да се бара да биде уметност, а не само театар и култура.
Во оваа претстава не ме интересира дали некој мисли дека одредена сцена е контроверзна или не, или дека поттикнува некаков отпор. Тоа не ме интересира. Тука работиме со автор (Пазолини) кој е многу чесен кон себе, кој е многу радикален во својот јазик и не му е страв одредена идеја длабоко да ја истражи. Ако од нас самите очекуваме да добиеме нешто што би било под тие линии, тогаш би биле лицемерни. Така ја правевме претставата, да не биде лицемерна и да не биде малограѓанска.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 338, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.7.2026)


