Британски пратеници бараат да се забрани „Маша и Медо“, тврдат дека цртаниот филм шири руска пропаганда
Популарниот анимиран детски серијал „Маша и Медо“, кој со години е меѓу најгледаните содржини за деца во светот, се најде во центарот на политичка расправа во Велика Британија. Група пратеници од повеќе британски партии побараа владата да разгледа можност за забрана на неговото емитување во земјата тврдејќи дека серијата претставува прикриен облик на руска пропаганда, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Цртаниот филм, инспириран од руска народна приказна, има милијарди прегледи на интернет. Само епизодата „Рецепт за катастрофа“ е прегледана повеќе од 4,6 милијарди пати.
Пратениците предупредуваат на спорни симболи
Иницијативата ја предводел пратеникот Том Гордон од Либерално-демократската партија, а писмото до британската министерка за култура Лиза Нанди го потпишале повеќе од 50 пратеници од различни политички партии.
Во писмото се наведува дека одредени сцени од серијата содржат симболика што, според нив, претставува пропагандна порака.
Како пример посочуваат епизоди во кои четиригодишната Маша носи капа и униформа што наликуваат на советска воена опрема, како и капа поврзана со поранешната советска тајна служба НКВД, организација која историски се поврзува со масовни репресии, депортации и егзекуции.
Пратениците укажуваат и на објава на студиото „Анимакорд“ на социјалната мрежа „Икс“, во која покрај фотографија од Маша стоел текстот:
„Вистинско девојче од војската со мрежа за пеперутки! Јуху, сега сум војник!“
Според нив, ваквите објави придонесуваат за нормализирање на советската воена симболика кај милиони деца ширум светот.
Бараат реакција од британската влада
Во писмото се бара итна реакција поради тоа што „Нетфликс“ неодамна нарачал уште две нови сезони од серијата, која е достапна во повеќе од 100 земји. Дополнително, „Маша и Медо“ може да се гледа и преку британската платформа „ИТВИкс“.
Пратениците сметаат дека родителите имаат право да очекуваат детските содржини внимателно да бидат проверени, особено кога, како што наведуваат, сојузнички земји предупредуваат на можни елементи на државна пропаганда.
Украина и Естонија со слични предупредувања
Во писмото се повикуваат и на ставот на Украинскиот центар за борба против дезинформации, кој претходно оцени дека „Маша и Медо“ претставува инструмент на руската „мека моќ“.
Според оваа институција, серијата преку однесувањето на главната хероина ги исмева традициите на други народи и промовира советска симболика и милитаристички мотиви.
Сличен став неодамна изнесе и естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна, кој изјави дека преку детската забава се пренесуваат проруски и милитаристички пораки.
Студиото ги отфрла обвинувањата
Од анимациското студио „Анимакорд“, кое има седиште на Кипар, категорично ги негираат сите обвинувања.
Портпаролката на компанијата, Мелани Бонвичино, изјави дека серијата речиси две децении ги забавува семејствата во повеќе од 100 држави преку универзални теми како пријателството, добрината и фантазијата.
„Серијата не содржи никакви политички пораки и сите тврдења во таа насока се целосно неосновани“, порача таа.
Според студиото, компанијата работи како приватен субјект, никогаш не добивала државно финансирање и ги почитува сите важечки закони.
Британското Министерство за култура не го коментираше случајот, наведувајќи дека одлуките за емитување програми се во надлежност на телевизиите и стриминг-платформите, сè додека содржината ги исполнува правилата на медиумскиот регулатор. Ниту „Нетфликс“, ниту телевизијата „ИТВ“ засега не се огласија по повод обвинувањата.
ВИДЕО | Како Маша и Медо: Кралицата Елизабета испи чај со популарниот лик од цртаниот филм


