Во Велика Британија откриен единствениот познат примерок од Декларацијата за независност надвор од САД
Во британскиот Национален архив е откриен редок печатен примерок од американската Декларација за независност, единствениот познат примерок што се наоѓа надвор од Соединетите Американски Држави и еден од само 11 зачувани примероци отпечатени во Екстер, неколку дена по усвојувањето на документот во Филаделфија на 4 јули 1776 година.
Препорачано
Документот кон крајот на мај го пронашол волонтерот Мајкл Скар, додека попишувал досега недоволно обработена збирка документи од британската национална колекција во седиштето на Националниот архив во Кју, западен Лондон, објави „Гардијан“.
Прелистувајќи преписка на британската Кралска морнарица од 18 век, Скар веднаш ги препознал првите зборови од историскиот документ. Според експертите од Националниот архив, станува збор за едно од најретките зачувани печатени изданија на Декларацијата за независност, откриено само неколку недели пред одбележувањето на 250-годишнината од нејзиното усвојување.
Посебна вредност на документот му дава тоа што историчарите речиси целосно успеале да го реконструираат неговиот пат – од печатницата во Екстер, во американската сојузна држава Њу Хемпшир, до британските архиви.
Примерокот бил пронајден меѓу документите запленети од американскиот приватен воен брод „Далтон“, кој британската морнарица го заробила кај брегот на Шпанија во декември 1776 година.
За разлика од другите важни документи од бродот, меѓу кои и дозволата за напади врз британски бродови потпишана од претседателот на Континенталниот конгрес, Џон Хенкок, примерокот од Декларацијата не бил испратен до Адмиралитетскиот суд. Наместо тоа, бил заведен само како „уште еден документ“ и останал заборавен повеќе од два века во морнаричките архиви.
Историчарите сметаат дека капетанот Елејзер Џонсон најверојатно го купил примерокот во блискиот Портсмут, каде што „Далтон“ накратко застанал за да прими дополнителни членови на екипажот. По неговото заробување, Џонсон пред судот во Плимут се изјаснил како државјанин на Соединетите Американски Држави – потег што тогашната британска круна го сметала за чин на предавство.
„Далтон“ бил првиот американски приватен воен брод заробен во европски води. Таквите бродови биле ангажирани од Континенталниот конгрес за напади и заплена на британски трговски бродови. Екипажот броел околу 120 морнари од Англија, Ирска, Шкотска, Франција, Данска и од американските колонии, меѓу кои и Даниел Котл, за кого се смета дека бил слободен Афроамериканец.
Извршниот директор на британскиот Национален архив, Сол Насе, оцени дека откритието е „моќен потсетник дека историјата на Американската револуција во суштина е трансатлантска приказна“.
„Не е значајно само тоа што ова е еден од само 11-те зачувани примероци во светот, туку и неговото потекло и патувањето што го поминал – од печатницата во Екстер, преку приватен брод на Атлантикот и британското заробување, до државниот архив во Велика Британија“, изјави Насе.


