Тејлор Свифт и Тревис Келси / Фото: TIMOTHY A. CLARY / AFP / Profimedia

Психолозите имаат објаснување зошто голем број луѓе со „будно око“ ја очекуваат свадбата на Тејлор Свифт

Се очекува да биде свадба на годината, а можеби и на векот. Гласините и шпекулациите за венчаницата, фризурата, локацијата и листата на гости се неизбежни. Но, како што самата невеста им порача на обожавателите – не, не сте поканети.

Како гулаби пред вратите на „Медисон Сквер Гарден“, јавноста останува да ги собира само трошките информации што повремено се појавуваат. Па, зошто овој настан кај милиони луѓе предизвикува чувство како да е нешто лично?

„Ја обожавам Тејлор и едвај ја чекам нејзината свадба… Се надевам дека барем ќе видиме фотографија“, напишал еден корисник на „Редит“.

„Навистина многу сакам да биде среќна“, додал друг.

За оние што не се обожаватели на Тејлор Свифт, ваквото емотивно вложување можеби изгледа претерано. Но чувството дека сте социјално или емоционално блиски со позната личност, до степен да ви изгледа како пријател, не мора да значи опсесија.

Според Бредли Бонд, кој ја истражува медиумската психологија на Универзитетот во Сан Диего, ваквите реакции се сосема нормални. Тие, дури, можат да имаат и позитивен ефект.

Бонд ги проучува односите што луѓето ги развиваат со познати личности и измислени ликови од перспектива на социјалната психологија. Во разговор за „Саенс алерт“, тој објаснил дека истражувањата покажуваат оти кон медиумските личности развиваме слични емоционални реакции како и кон луѓето што лично ги познаваме, иако тие обично се помалку интензивни.

„Нашиот мозок ги обработува луѓето на сличен начин, без разлика дали се пред нас или ги гледаме на екран“, вели Бонд.

„Секако дека ја разбираме разликата меѓу вистинска интеракција и гледање телевизија, но мозокот и понатаму ги доживува тие личности како луѓе.“

Кога ќе станеме особено емоционално вложени во животот на некоја јавна личност, психолозите тоа го нарекуваат „парасоцијална врска“. Таа е резултат на природната способност на човечкиот мозок за емпатија и усогласување со емоциите на другите. Иако современите медиуми често се поврзуваат со негативни последици врз менталното здравје, тоа не е секогаш случај.

Парасоцијалните врски се еднонасочни и не се возвратени, но поновите психолошки истражувања покажуваат дека јавните личности можат да им помогнат на луѓето да се чувствуваат помалку осамени и безнадежни, како и да придонесат за посилно чувство на идентитет и благосостојба.

„Кога ќе му се случи нешто убаво на некој со кого чувствуваме социјална поврзаност, се радуваме за него. Кога ќе му се случи нешто лошо, тагуваме заедно со него. Тоа е суштината на емпатијата“, вели Бонд.

А свадбата, секако, претставува една од најголемите животни пресвртници.

Со ова се согласува и психологот Линдзи Конлин Максвел од Универзитетот во Јужен Мисисипи, која и самата се декларира како обожавателка на Тејлор Свифт.

Таа смета дека силните парасоцијални врски во голема мера објаснуваат зошто обожавателите толку емотивно ја доживуваат претстојната свадба.

„Последните дваесет години ја слушаме нејзината музика и преку неа изградивме чувство на поврзаност. Иако таа лично не нè познава, ние чувствуваме како да ја познаваме неа и како заедно сме ги минале нејзините емоционални подеми и падови“, објаснува Максвел.

„Затоа и свадбата не е исклучок – имаме чувство дека и ние сме дел од тој момент.“

Според неа, токму музиката игра клучна улога во создавањето на ова чувство на блискост, бидејќи силно влијае врз емоциите и ги поврзува луѓето.

„Иако повеќето нејзини обожаватели никогаш не ја запознале лично, парасоцијалната врска што ја градиме преку музиката прави таа поврзаност да изгледа сосема реално“, додава таа.

Сепак, тоа не значи дека чувствата на обожавателите кон Тејлор Свифт се исти како љубовта кон вистински пријател или член на семејството.

„Повеќето обожаватели, дури и оние што имаат силна парасоцијална врска со неа, добро знаат дека ова е нејзиниот живот и нејзината животна пресвртница, а не наша“, вели Максвел.

Таа додава дека често постои погрешна претстава дека ваквите односи секогаш значат опсесија.

„Во реалноста, најголемиот дел од луѓето сосема јасно разбираат дека врската е еднонасочна – и тоа е сосема во ред.“

Ова го потврдуваат и истражувањата со снимање на мозокот.

Тие покажуваат дека мозокот не ги обработува славните личности, како што е Тејлор Свифт, на ист начин како блиските луѓе од нашето секојдневие. Но, истовремено, тие не се ни обични непознати лица.

Изгледа дека познатите личности и инфлуенсерите заземаат посебно место во нашите невролошки мрежи.

Во студија објавена во 2020 година, научници направиле снимања на мозокот на 43 испитаници додека размислувале за себе, за блиски луѓе и за славни личности.

Резултатите покажале дека мозокот ги организира луѓето според тоа дали припаѓаат на нашата социјална мрежа и колку ни се блиски. Познатите личности биле сместени нешто подалеку од категоријата „јас“ отколку членовите на семејството и пријателите.

Друго истражување, објавено во 2023 година, покажало дека мозокот јасно прави разлика меѓу инфлуенсерите или другите јавни личности и луѓето од нашиот реален живот, иако субјективното чувство на блискост и доверба понекогаш може да биде слично.

Кога, тогаш, парасоцијалната врска може да стане проблем?

„Како што денес имаме сè повеќе можности за повремена интеракција со луѓе што инаку ги познаваме само преку екраните, чувството на поврзаност со нив станува сè посилно“, вели Бонд.

Според него, проблем настанува ако парасоцијалните врски почнат да ги заменуваат вистинските пријателства или да го нарушуваат секојдневното функционирање.

„Ако престанеме да ја доживуваме јавната личност како пријател и почнеме да ја гледаме како божество, тогаш тоа може да биде нездраво“, предупредува тој.

Но, ако викендов се фатите себеси како размислувате што би облекле на свадбата на Тејлор Свифт или каков подарок би им купиле на Тејлор и Тревис, Бонд смета дека тоа е сосема нормално. Тоа е едноставно начинот на кој функционира човечкиот мозок – создаден да се поврзува со другите. Само, не дозволувајте тоа да премине во крајност.

Откриени шокантните пораки што Тејлор Свифт ѝ ги испраќала на Блејк Лајвли во судската битка против Џастин Балдони: „Овој кловн паѓа на сè“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот