ВИДЕО | Голем меѓународен успех за Васил Гарванлиев — македонскиот пејач настапи на „Сириус Икс-Ем“ во чест на „Битлси“
Македонскиот пејач Васил Гарванлиев оствари уште еден значаен меѓународен успех. Тој беше специјален гостин на „Сириус Икс-Ем“, најголемата сателитска радио-платформа во Северна Америка, каде што настапи во специјална програма посветена на „Глобалниот ден на Битлси“.
Препорачано
Заедно со американската пејачка Голда Захра, Гарванлиев ја изведе новата верзија на легендарната песна „All You Need Is Love“, која беше премиерно претставена на каналот „The Beatles Channel“. Настапот се одржа во студиото на „Сириус Икс-Ем“ во Лос Анџелес, а по музичката изведба следуваше разговор со музичкиот историчар Крис Картер и продуцентот Стивен Меркурио, кој стои зад новата обработка на песната.
„Сириус Икс-Ем“ го најави настапот на своите официјални профили на социјалните мрежи со пораката: „Сè што ви треба е љубов! Придружете ни се во славењето на бендот што продолжува да шири мир и љубов низ целиот свет.“
View this post on Instagram
По настапот, Гарванлиев објави фотографии и видеоснимки од студиото и напиша: „Соништата стануваат реалност“.
Инаку, Васил Гарванлиев е еден од оние македонски музичари со успешна меѓународна кариера. Покрај тоа што ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2021 година, со години настапуваше како оперски пејач во Канада и има соработувано со бројни светски музички имиња.
„Глобалниот ден на Битлси“ се одбележува секоја година на 25 јуни, во чест на легендарниот настап на „Битлси“ во емисијата „Our World“ на Би-би-си во 1967 година. Тогаш бендот премиерно ја изведе песната „All You Need Is Love“ во директен телевизиски пренос што го следеа околу 400 милиони гледачи во повеќе од 20 земји. Денот е востановен во 2009 година како признание за трајното музичко и културно наследство на легендарната четворка и нивните пораки за мир, љубов и заедништво.
ВИДЕО | Васил Гарванлиев: „Ми се закануваа по живот, два месеци од дома не излегував“


