Во Судан има хуманитарна катастрофа, вонсудски егзекуции и киднапирања, предупредува ОН
„Паравоени сили повеќепати погодиле пазари, училишта, бензински пумпи, водна инфраструктура и цивилни возила“, изјави високиот комесар на Обединетите нации.
Војната во Судан се заканува дополнително да ескалира, додека стратешки важниот град Ел Обеид продолжува да биде изложен на „немилосрдни напади со дронови од паравоени сили“, изјави денес шефот за човекови права на ОН, Волкер Турк, соопштуваат Обединетите нации.
Препорачано
Говорејќи пред Советот за човекови права во Женева, тој повика на итна акција од светските лидери за да се запре интензивната борба која, како што рече, веќе предизвика огромна хуманитарна криза во Судан и пошироко.
Според ОН, масовни злосторства против цивили се редовна појава во војната што избувна во 2023 година.
Во само три недели минатиот месец, канцеларијата на Турк документирала 15 напади со дронови врз Ел Обеид, главниот град на Северен Кордофан, како и околните области, при што загинале најмалку 45 луѓе.
Невозможни избори
Турк во Женева нагласи дека многу урбани локации и инфраструктура се уништени.
„Смртоносните оружја, лансирани од поранешните сојузници – паравоените Сили за брза поддршка (RSF) и националната армија, Суданските вооружени сили (SAF) – повеќепати погодиле пазари, училишта, бензински пумпи, водна инфраструктура и цивилни возила“, изјави високиот комесар.
“The signs from #ElObeid are clear & unmistakable: another human rights catastrophe is unfolding in #Sudan,” @volker_turk told the @UN Human Rights Council.
“This is not a drill. It is a red alert that needs to land on the desks of Heads of State & Government around the world.” pic.twitter.com/zH3bVIpX34
— UN Human Rights Council (@UN_HRC) July 3, 2026
Според него, сега владее ужас во опколениот Ел Обеид.
„Некои луѓе ги продаваат своите работи за да го финансираат бегството од градот. За многумина, високата цена на транспортот и постојаните напади врз возилата на излезните рути го прават заминувањето невозможно. Документиравме вонсудски егзекуции, киднапирања, тортура и нечовечко постапување, сексуално насилство и грабежи по рутите по кои се движат раселените лица низ регионот Кордофан“, рече тој.
Страв од нов Ел Фашер
Предупредувањето на високиот комесар следи по претходни злосторства против цивили, вклучително и во опколениот град Ел Фашер во Северен Дарфур минатиот октомври, каде што, според неговата канцеларија, 6.000 луѓе беа убиени во тридневен бран на воени злосторства и злосторства против човештвото.
Минатиот април, паравоени сили постојано го гранатираа и потоа го зазедоа блискиот камп Замзам, најголемиот камп за високо ранливи раселени лица во Северен Дарфур.
Црвена тревога
Турк пред 47-те земји членки на Советот за човекови права рече дека издадената „црвена тревога не е вежба“ и мора да стигне до шефовите на држави и влади низ целиот свет.
„Овие злосторства беа предвидени, со повторени предупредувања од мене и мојата канцеларија. Но тие не беа спречени“, нагласи тој.
Повторувајќи го повикот за акција на највисоко ниво, шефот на ОН за човекови права го повика и Советот за безбедност да ги исполни своите обврски за спречување злосторства.
„Ел Обеид е класичен пример зошто употребата на вето треба да биде ограничена, како што предложија Франција и Мексико пред повеќе од 10 години“, истакна Турк.
Тој нагласи и дека мора да има одговорност за извршените злосторства, поздравувајќи го континуираниот ангажман на Меѓународниот кривичен суд (ICC) во барањето правда за жртвите на војната во Судан.
Според ОН, Ел Обеид има повеќе од половина милион жители, заедно со најмалку 100.000 внатрешно раселени лица, а многумина од нив избегале од Ел Фашер во Северен Дарфур и други разурнати судански градови.
Откриен таен камп во Етиопија: Илјадници борци се обучуваат за војна во Судан


