Египет на пенали ја елиминираше Австралија и избори историско осминафинале
Еипет по подобро изведување на пеналите ја елиминираше Австралија и обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство, откако регуларниот дел и продолженијата завршија без победник (1:1). „Фараоните“ беа поуспешни во пенал-серијата (4-2), а во текот на натпреварот први дојдоа до водство преку Ашур, додека Австралија израмни со автоголот на Хани.
Препорачано
Уште од самиот почеток атмосферата на стадионот во Далас беше одлична. Египјаните подобро влегоа во натпреварот и притискаа уште од самиот старт. Доминацијата на „фараоните“ вроди плод во 13. минута. По прекршок врз Зико, Салах изведе краток слободен удар кон Ашур. Неговиот прв удар беше блокиран, но топката стигна до Хафез, кој од десната страна испрати прецизен центаршут. Ашур остана сосема осамен на далечната статива и со удар со глава ја смести топката во мрежата за водство од 1:0. Австралија се обиде брзо да возврати, но мрежите мируваа до крајот на првото полувреме.
Египет се обиде да го продолжи добриот ритам на почетокот од второто полувреме, кога Омар Мармуш беше на чекор да ја удвои предноста уште по првиот напад. Сепак, наместо втор гол за „Фараоните“, следуваше несреќен момент на спротивната страна.
По прекин за Австралија, Ејден О’Нил испрати употреблив центаршут во казнениот простор, а топката несреќно се одби од главата на Мохамед Хани и заврши зад грбот на голманот Мостафа Шобеир за израмнување на резултатот во 55. минута.
Во завршницата Австралија почна да создава повеќе простор во нападот, но Египет возврати со притисок и избори прв корнер на натпреварот во судиското продолжение на второто полувреме.
Еден од најдобрите одбранбени потези на натпреварот, а можеби и на целиот турнир, го изведе австралискиот голман Бич само две минути пред истекот на регуларните 90 минути. По прецизниот центаршут, Рами Рабиа упати силен удар со глава кој одеше кон мрежата, но Бич со фантастична реакција успеа да ја оттурне топката над пречката и да ја сочува мрежата. Корнерот што следуваше не донесе промена на резултатот, па натпреварот отиде во продолженија.
Во дополнителните 30 минути двете селекции играа претпазливо. Првото продолжение помина без поголеми возбудувања, бидејќи ниту една репрезентација не сакаше да преземе непотребен ризик.
Во второто продолжение Египет тргна поодлучно кон противничкиот гол во обид да избегне пенал-рулет. Притисокот на „Фараоните“ ги остави со повеќе играчи во противничката половина, што Австралија се обиде да го искористи преку брзи контранапади, па натпреварот повторно доби отворен ритам во самата завршница. Сепак, ниту по 120 минути игра не беше постигнат победнички гол.
Австралијците лошо ја отворија пенал-серијата, откако Хари Саутар не успеа да го реализира првиот удар. Сабер беше сигурен од белата точка и му донесе почетна предност на Египет. Ирвин потоа погоди за Австралија, но Рами Рабиа возврати со прецизен удар и ја задржа предноста на „фараоните“.
Авер Мабил беше успешен при третата серија за Австралија, а Мохамед Салах реализираше мирно со „паненка“ и повторно ја врати предноста на Египет. Решавачкиот момент дојде кога Херингтон не успеа да го реализира четвртиот пенал за Австралија.
Тоа му овозможи на Абделмагуид да ја преземе одговорноста за последниот удар. Египетскиот фудбалер остана смирен, ја испрати топката во мрежата и го потврди историскиот пласман на својата репрезентација, предизвикувајќи голема радост кај играчите и навивачите.
Со оваа победа Египет испиша нова историја. Откако во групната фаза ја забележа својата прва победа на светските првенства против Нов Зеланд, селекцијата сега ја оствари и својата прва победа во нокаут-фазата, обезбедувајќи место меѓу најдобрите 16 репрезентации на турнирот. Египќаните за противник ќе го чекаат подобриот од дуелот Аргентина-Зеленортски Острови.
Аргентина – Зеленортски Острови: Давид против Голијат на Светското првенство 2026


