По Џејлен Браун, Филаделфија тргнува и по Леброн Џејмс?
Се појавија нови шпекулации дека Леброн Џејмс би можел да се врати во Источната конференција на НБА.
Препорачано
Според „ESPN“, Филаделфија 76ерс е најновиот клуб кој покажува сериозен интерес за четирикратниот МВП.
Филаделфија го повлече еден од најголемите потези во летниот преоден рок досега, откако на 1 јули го преку размена со Бостон Селтикс го доведе Џејлен Браун.
Браун зад себе има една од најдобрите сезони во кариерата, заврши како шести во гласањето за МВП на регуларниот дел од сезоната. Сепак, по елиминацијата на Селтикс во плејофот, токму од Филаделфија, тој ја загубил довербата кај клубот поради неколку свои јавни изјави.
Доколку Леброн Џејмс одлучи кариерата да ја продолжи во Филаделфија, ќе формира моќен тим заедно со поранешниот МВП Џоел Ембид, петкратниот Ол-стар Џејлен Браун, двократниот Ол-стар Тајрис Макси и младиот талент Ви Џеј Еџкомб, кој заврши трет во изборот за дебитант на годината.
Иднината на Леброн беше неизвесна по елиминацијата на Лос Анџелес Лејкерс во плејофот, но неодамна самиот потврди дека нема да се врати за деветта последователна сезона во клубот.
41-годишниот Џејмс минатата сезона одигра 60 натпревари, на кои во просек бележеше 20,9 поени, 7,2 асистенции и 6,1 скок.
Како би изгледал тимот?
Во моментов, проектираниот стартен состав на Филаделфија би го сочинувале Џоел Ембид, Дин Вејд, Џејлен Браун, Тајрис Макси и Ви Џеј Еџкомб.
Дополнително, Филаделфија како слободен агент го ангажираше Анферни Сајмонс, а со 22. пик на драфтот во 2026 година го избра Лабарон Филон Џуниор од Универзитетот во Алабама.
Се очекува Џејмс да не брза со одлуката и внимателно да го следи развојот на трансфер-пазарот.
Покрај Филаделфија, интерес за него покажуваат и два негови поранешни клуба, Кливленд Кавалирс и Мајами Хит.
Постои и можност Леброн да остане во Калифорнија, но да се пресели во Голден Стејт Вориорс, каде би играл под водство на тренерот Стив Кер, заедно со Стеф Кари, Дрејмонд Грин и Џими Батлер.
Според новинарот на „ESPN“, Ентони Слејтер, Вориорс добиле сигнал од Леброн и неговите претставници дека клубот останува меѓу неговите најпосакувани дестинации, иако во моментов не е на самиот врв на листата.


