Ќе плаќаме за неколку секунди и дење и ноќе: Народната банка најавува големи промени
Граѓаните наскоро ќе можат да вршат плаќања во денари за само неколку секунди, во секое време од денот – 24 часа, седум дена во неделата. Ова го најави вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, кој порача дека монетарната политика и современите платни системи се двата клучни столба на модерното централно банкарство.
Препорачано
Во своето обраќање во билтенот на Македонската банкарска асоцијација, Величковски истакнува дека Народната банка во изминатиот период спровела значајни реформи кои придонеле за подобро функционирање на финансискиот систем и поефикасна монетарна политика.
Според него, измените во оперативната монетарна рамка веќе даваат резултати, бидејќи меѓубанкарскиот пазар функционира поефикасно, а каматните стапки се движат поблиску до референтната каматна стапка на Народната банка. Посебен акцент Величковски става на новите платни услуги. Тој најавува воведување систем за инстант плаќања, кој ќе овозможи трансакциите во денари да се реализираат речиси веднаш, без разлика дали е ден, ноќ, викенд или празник.
Дополнително, со пристапувањето кон СЕПА и усогласувањето со европските стандарди, се отвора можност за побрзи и поевтини плаќања во евра, како кон земјите од Западен Балкан, така и кон Европската Унија.
Новиот систем, кој се развива според моделот на Европската централна банка, треба да донесе и поголема употреба на мобилни плаќања, поедноставно плаќање во продавниците и побрз пристап до средствата за трговците. Величковски нагласува дека овие резултати се постигнати преку соработка меѓу Народната банка, Министерството за финансии, банките и останатите институции, а реформите ќе продолжат и во наредниот период со цел модернизација на платниот систем и негово приближување до европските стандарди.


