За една година од македонските пруги украдени се речиси половина милион евра – најмногу исчезнува бакарот
Речиси половина милион евра изнесува проценетата штета од кражбите на македонската железничка инфраструктура во текот на 2025 година, објави Фактор, повикувајќи се на извештајот за работењето на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура. Според документот, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година биле евидентирани кражби во вкупна вредност од 28,67 милиони денари, односно 446.197 евра.
Препорачано
-Со тоа се предизвикува нарушување во стабилноста и нормалното одвивање на железничкиот сообраќај на пругите на територијата на Република Северна Македонија – се наведува во извештајот.
Како што пренесува Фактор, директорот на ЈП за железничка инфраструктура, Синиша Ивановски, потврдува дека кражбите сè уште се проблем, иако годинава се намалени за околу 80 проценти.
-Најмногу се краде бакарот, кој е клучен за сигнализацијата и директно ја загрозува безбедноста на железничкиот сообраќај. Ангажиравме агенција за обезбедување за околу шест милиони денари, но практично е невозможно да се обезбеди секој километар од пругата – изјавил Ивановски.
Во извештајот се наведува и дека загубата на „Македонски железници – Инфраструктура“ во 2025 година достигнала 267 милиони денари, што е зголемување од 41,5 проценти во споредба со претходната година.
Најголем дел од финансиските проблеми произлегуваат од ненаплатените побарувања од „ЖРСМ Транспорт“, единствениот железнички оператор, кој, според извештајот, должи 236 милиони денари, плус околу 70 милиони денари камати. Дополнително, како што пишува Фактор, вкупните ненаплатени побарувања достигнале 412,75 милиони денари, што претставува раст од 127,7 проценти на годишно ниво.
Во меѓувреме, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура има и доспеан долг од околу 80 милиони евра кон Министерството за финансии, кое како државен гарантор ги сервисира обврските по меѓународните кредити за изградба на новите железнички делници, главно на Коридорот 8.


