Со ребалансот власта ја турка државата во нови долгови, обвини Лукаревска во Собранието
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во денешната собраниска расправа обвини дека ребалансот на државниот буџет претставува „директно признание за погрешно фискално планирање и недоследна економска политика“ на Владата. Поранешната директорка на УЈП посочи дека основниот проблем е во значително побрзиот раст на расходите во однос на приходите, што создава нови дефицити и ја поткопува стабилноста на јавните финансии.
Препорачано
„Ова не е ребаланс на развојот, ова е ребаланс на погрешното планирање. И ова е економски издржана порака, затоа што бројките покажуваат дека расходите растат многу побрзо од приходите. Вкупните приходи се зголемуваат за 4,6 милијарди денари, но расходите за 11,6 милијарди денари. И разликата не ја затвора економијата, туку нов дефицит“, рече Лукаревска.
Таа посочи дека Владата со самиот ребаланс практично признава дека првичниот буџет не бил реално поставен и дека сега се отвора простор за ново задолжување:
„Владата не бара ребаланс затоа што економијата оди подобро од планираното, туку затоа што буџетот, што сама го предложи и го изгласа, не ја издржа првата половина од годината. И понатаму, најголемиот дел од буџетот е насочен кон тековна потрошувачка, додека развојната компонента и понатаму останува релативно мала“, нагласи Лукаревска.
Лукаревска тврди дека со ребалансот нема да се подобри, туку, напротив ќе се влоши животниот стандард на граѓаните, бидејќи е проектираа инфлација од 4,5 проценти, поголема од првично очекуваните 2,5 проценти.
„Ребалансот не нуди одговор на животниот стандард: инфлацијата ја јаде платата, а буџетот ја шири потрошувачката без структурен антиинфлаторен ефект. Цените растат, храната расте, базичната инфлација останува висока, а ребалансот повеќе прераспределува отколку што ја зголемува продуктивноста. Граѓаните плаќаат двапати: еднаш преку повисоки цени, вторпат преку повисок долг“, рече Лукаревска.
Ваквиот пристап не го штити животниот стандард, тврди Лукаревска.
„Ако владата троши повеќе, а тоа не создава реална продуктивност, товарот останува врз граѓаните. Ова не е начин да се заштити животниот стандард“, рече таа од собраниската говорница.


