Македонија заглавува во кредити до гуша

Вчера на меѓународниот пазар обезбедивме 1 милијарда ева. Од нив, 700 милиони ќе отидат за доспеана еврообврзница. Самите долгови и не се толку опасни, но само ако создадат додадена вредност од која ќе почнат да се отплатуваат. Фактот е дека тоа досега никогаш не се случило

Министерството за финансии вчера информираше дека успешно ја реализираше аукцијата за издавање на десеттата еврообврзница, со две транши од по 500 милиони евра – едната со рок од четири години, а другата осум. За првата каматната стапка е 3,875 проценти, а за другата 4,750 проценти.

„Фактот дека Министерството успеа да пласира осумгодишна обврзница дополнително говори за довербата во реформските планови на Министерството за финансии и Владата, имајќи предвид дека последен пат вакво доспевање беше постигнато пред повеќе од дваесет години“, соопштија од Министерството за финансии.

Со оваа еврообврзница, планирана во Буџетот за 2026 година, ќе се изврши исплата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, а како што велат од Министерството, се обезбедуваат и средства за буџетскиот дефицит којшто е насочен кон реализација на развојните проекти.

Веќе долги години наназад, а тоа нè чека и во иднина, доспеваат огромни износи за издадени еврообврзници. Дополнително се земаат пари и за пополнување на буџетски дупки. Експертската јавност долго време го поставува прашањето: До кога вака? Заедничкиот став им е дека самите долгови и не се толку опасни, но само ако создадат додадена вредност од која ќе почнат да се отплатуваат. Фактот дека ниту еден долг не се вратил од пари што се креирале поради задолжувањето го прави легитимно прашањето: Ќе се извлечеме ли од кредитите?

Покрај кредитите, треба да се платат и многу неплатени фактури

Според последните податоци на Министерството за финансии, заклучно со септември, јавниот долг изнесува 9,73 милијарди евра и е 57,6 проценти од бруто-домашниот производ. Со новото задолжување од една милијарда евра, како и со дополнителни други задолжувања што треба да се направат на надворешен и внатрешен пазар на капитал, а кои веќе се испланирани со Буџетот за 2026 година, јавниот долг, според процените на Фискалниот совет и понатаму треба да остане под 60 проценти, поради предвидениот раст на бруто-домашниот производ. Но, оттаму посочуваат дека во овој долг не се вклучени неизмирените обврски на јавните институции, а станува збор за огромен износ, па постои фискален ризик јавниот долг да надмине 60 отсто од БДП, што е законски утврден лимит.

„Доколку се реализира минатогодишната препорака на Фискалниот совет (без разлика на ‘домашната’ дефиниција на јавниот долг), во јавниот долг да се вклучат и доспеаните, а неизмирени обврски на јавните институции и претпријатија согласно методологијата за фискална статистика на ЕУ, кои тековно според евиденцијата во ЕСПЕО системот изнесуваат околу 700 милиони евра (околу 3,5 % од БДП), тогаш јавниот долг би изнесувал над 62 %!“, пишува во оценката на Фискалниот совет за Буџетот за 2026 година.

Оттаму додаваат дека „на ова треба да се додаде и фактот дека често се случува дадените гаранции од страна на Министерство за финансии кон јавните претпријатија да паднат и долгот да го преземе и плати Министерство за финансии“.

Планираното задолжување за годинава е речиси 1,9 милијарди евра

За годинава во Буџетот е планирано задолжување од речиси 1,9 милијарди евра за да ги вратиме старите долгови и да ја пополниме дупката меѓу планираните приходи и расходи. Покрај буџетската дупка од речиси 634 милиони евра имаме и отплата на долгови од 1,2 милијарди, од кои 892,6 милиони евра надворешни, а 323,6 милиони евра домашни задолжувања.

За наплата стигнува еврообврзницата од 2020 година во износ од 700,8 милиони евра, како и обврските кон меѓународните финансиски институции: 50,4 милиони евра кон ММФ, 53,6 милиони евра кон Светска банка и 35,7 милиони евра кон ЕБРД.

Пари планираме да најдеме и на меѓународниот и на домашниот пазар. На меѓународниот пазар покрај веќе реализираната еврообврзница од една милијарда, планирано е да се задолжиме со уште 300 милиони евра, додека на домашниот пазар ќе се обезбедат околу 560 милиони евра. На домашниот пазар главни финансиери се банките, пензиските фондови и осигурителните компании. И кај нив се задолжуваме за да ги отплатиме доспеаните долгови, но редовно на аукциите се обезбедуваат и дополнителни пари, со што се зголемуваат долговите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот