Фото: принтскрин од видео / National Crime Agency / Internet Watch Foundation

„Пазете се од злоупотреби со вештачка интелигенција“ — Британија ги предупреди родителите да не објавуваат фотографии со деца

Родителите не треба да објавуваат фотографии од своите деца јавно на интернет, според нови упатства издадени за справување со зголемената појава на сексуални материјали генерирани преку вештачка интелигенција (ВИ), пренесува Гардијан.

Препораката доаѓа од Националната агенција за криминал (NCA) и Фондацијата за надзор на интернет (Internet Watch Foundation – IWF), кои стравуваат дека повеќето луѓе не се свесни за опасностите што доаѓаат од педофилски и криминални мрежи.

Тие препорачуваат родителите и старателите да ги направат своите профили на социјалните мрежи приватни или да споделуваат фотографии од своите деца преку група „блиски пријатели“.

Според Агенцијата и Фондацијата, ова не значи дека тие им кажуваат на родителите како да се однесуваат онлајн, туку, како што велат, треба да бидат свесни за проблемот и начинот на негово решавање.

Тие препорачуваат проверка на старите објави на социјалните мрежи што би можеле да бидат злоупотребени од предатори, како и да се ревидираат договорите за согласност за фотографии – на пример со училишта или спортски клубови – кои можеби биле потпишани пред напредокот на вештачката интелигенција што овозможи манипулација со слики.

„Ги охрабруваме родителите и старателите да преземат неколку едноставни чекори денес“, изјави Тим Рајт, висок менаџер во Агенцијата.

Упатствата опфаќаат три главни мерки: проверка на приватноста на социјалните мрежи, да се прегледа кој може да ги гледа фотографиите од нивните деца, а воедно родителите да внимаваат кога даваат дозвола за објавување фотографии на луѓе и организации.

Агенцијата соопшти дека повеќето родители не се свесни дека технолошкиот напредок им овозможил на криминалците јавно достапни алатки за создавање материјали за сексуална злоупотреба на деца (CSAM) без директен контакт или „груминг“ со жртвите.

„Просечниот родител не објавува фотографија мислејќи дека таа може да биде искористена за создавање вакви материјали. Многу родители не знаат дека овој проблем постои“, изјави Лорна Синклер, менаџер за едукација за сексуална злоупотреба на деца во Агенцијата.

Количината на ВИ-генерирани материјали за сексуална злоупотреба на деца откриени на интернет пораснала за 14 отсто минатата година, според Фондацијата за надзор на интернет, која идентификувала 8.029 слики и видеа од реалистични материјали создадени со вештачка интелигенција во 2025 година.

Фондацијата, која ги следи ваквите случаи и управува со линија за пријавување, добила пријави од луѓе под 18 години кои биле уценувани откако нивните слики биле „разголени“ со помош на вештачка интелигенција. Исто така, сервисот „Рипорт ремув“ („Report Remove“), кој помага при отстранување експлицитни слики на малолетници без согласност, забележал случаи каде обични, целосно облечени селфи фотографии биле претворени во експлицитна порнографија преку ВИ.

Во друг случај, пријавен од службата „Чајдлајн“ („Childline“), 15-годишно девојче изјавило дека непознато лице направило „многу убедлива“ лажна гола слика од неа, користејќи го нејзиното лице и соба, откако очигледно ги земал материјалите од нејзиниот Инстаграм профил.

Објавувањето на упатствата следи и по случаи кога училишни веб-страници во Велика Британија биле цел на уценувачи кои преземале фотографии од деца, ги претворале со ВИ во материјали за сексуална злоупотреба и потоа се заканувале дека ќе ги објават.

Советничко тело за онлајн штети (EWWG), во кое членуваат Агенцијата и Фондацијата што се иницијатори на упатствата, препорачало училиштата да ги отстранат препознатливите фотографии од лицата на учениците од нивните веб-страници и социјални мрежи.

Дан Секстон, главен технолошки директор во Фондацијата, изјави дека му е „многу непријатно“ да им каже на родителите да не објавуваат фотографии од деца, но смета дека нема друга опција.

„Не знам што друго да им кажам на родителите. Би бил многу претпазлив (со објавување фотографии од деца), бидејќи нема заштита“, рече тој.

Упатствата за проверка на социјалните мрежи вклучуваат и проверка дали лицето, телото или училишната униформа на детето се видливи, дали корисникот е сè уште комфорен со објавата, и дали таа може да се избрише или направи приватна. Исто така се препорачува проверка дали пријатели или членови на семејството објавиле фотографии од детето, вклучително и стари објави, и разговор за тоа какви мерки може да се преземат.

Велика Британија ги забранува социјалните мрежи за деца под 16 години

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот