Фото колаж „Слободен печат“
Фото колаж „Слободен печат“

79-годишна жена нападната од глутница агресивни кучиња во Бутел, семејството тврди дека институциите потфрлиле

79-годишната Васија Зуковиќ од Скопје, пред два дена, на 1 јули, преживеала вистински хорор во скопската населба Бутел 1, кога глутница од ја нападнала глутница од шест агресивни бездомни кучиња.

Таа за „Слободен печат“ раскажува за голготата кога кучињата повеќе пати ја касале по рацете, нозете и по целото тело. Крвава, повредена и беспомошна, останала да лежи на улицата повикувајќи помош. Само благодарение на хуманоста на една жена и еден минувач, била спасена од потешки последици. Полицијата од ПС Бутел 1, како што тврди Зуковиќ, не пристигнала ни по 35 минути чекање иако на телефон ѝ било речено дека ќе биде испратена патрола.

Додека 79-годишната жена лежела крвава на улицата по нападот од глутница кучиња, помошта од надлежните институции не пристигнала. Бидејќи никој не доаѓал, случаен минувач ја однел до најблиската амбуланта во Општина Бутел.

-Во амбулантата наместо да ми биде укажана итна медицинска помош, не добив соодветен третман. И покрај видливите повреди, крварењето и очигледната потреба од итна интервенција, бев упатена сама да заминам на Клиниката за инфективни болести. Жена на 79 години, срцев болен пациент со повеќе хронични заболувања, крвава, во шок и со силни болки по напад од глутница кучиња, бев принудена сама да земам такси и да заминам во болницата. Наместо веднаш да бидам згрижена бев препраќана од едно на друго одделение губејќи драгоцено време, се додека на Клиниката за пластична хирургија не ми беше укажана само основната медицинска помош, изјави Зуковиќ за „Слободен печат“.

Таа додаде дека ѝ било побарано сама да купи тетанус вакцина, антибиотици и друг медицински материјал неопходен за нејзиното лекување.

-Сметам дека е недозволиво лице во итна медицинска состојба особено жена на 79-години наместо веднаш да добие целосна здравствена заштита, да биде изложена на дополнителен физички и психички товар. Првата посериозна медицинска помош ѝ беше укажана дури околу 12 часот, 6 часа после нападот. Во тие часови мојата мајка не се бореше само со физичките повреди, туку и со стравот, шокот и болката. И со чувството дека е оставена сама од институциите кои имаат законска и морална обврска да ги штитат своите граѓани. Мојата мајка претрпе огромен психички стрес, чувство на беспомошност и траума која со оглед на нејзината возраст и здравствена состојба ќе остави трајни последици врз нејзиниот живот и здравје, рече за „Слободен печат“ синот на жената, Ален Зуковиќ.

Семејството вели дека ќе бараат сите околности на овој случај темелно да се испитаат.

-Јавно ги поставуваме прашањата како е можно во населено место да се движат глутници агресивни кучиња кои претставуваат опасност за животот и здравјето на граѓаните? Дали надлежните институции навремено презеле мерки за спречување вакви напади? Зошто по пријавен итен случај, полициската интервенција не пристигнала навреме? Зошто во најблиската здравствена установа не била обезбедена итна медицинска помош? Дали постапувањето на здравствените установи било во согласност со законските и професионалните стандарди за итно згрижување пациент? Кој ќе ја понесе одговорноста доколку се утврди дека постоеле пропусти во постапувањето на надлежните институции? Нашето семејство ќе ги искористи сите законски средства што ни стојат на располагање за надлежните органи и судовите да ги утврдат сите факти и ако се утврди одговорност, таа да биде санкционирана според законите на Македонија, додава Зуковиќ.

Тој вели дека овој случај не е само за неговата мајка туку и за безбедноста на секој граѓанин и за довербата во институциите.

-Станува збор за достоинството на секој човек кој очекува државата да го заштити кога неговиот живот и здравје се загрозени, потенцира тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот