Дигитално евро за безбедно плаќање и заштита на европската економија
Европската централна банка подготвува дигитално евро за да ја намали зависноста од Виза, Мастеркард и Епл пеј. За да биде успешно, потребно е на потрошувачите да им се понуди систем лесен за користење.
Дигитални, или криптовалути, требаше да направат револуција во начинот на кој плаќаме за стоки и услуги. Но, и во 2026 година, кога ќе влезете во продавница или ќе купите нешто преку интернет, сепак и натаму посегнувате по готовина или картичка.
Препорачано
Комплексноста на биткоинот го спречи да стане секојдневна пара. Европската централна банка (ЕЦБ) сега објавува планови за стабилна дигитална валута. За потрошувачите, дигиталното евро би било едноставен начин за безбедно плаќање во продавници, преку интернет или од човек на човек и би уживало директна поддршка од Европската централна банка. Притоа, притисокот за дигитално евро не е само поради дигитална надградба, туку сè повеќе станува геополитичка неопходност.
Суверенитет на валутата во променлив свет
Во свет во кој Вашингтон одеднаш може да ги смени трговските правила на игра, да воведе царини преку ноќ или да ги заостри контролите за извоз преку вештачка интелигенција, креаторите на политиките на ЕУ сметаат дека суверенитетот на валутата е нужно осигурување од идни брзи потези на администрацијата на Трамп.
Европа во голема мера зависи од платежните системи во САД, како Виза и Мастеркард, додека дигиталните паричници и апликации, вклучително и Гугл или Епл пеј и ПејПал се уште едно ниво на зависност.
„Ако глобално сите тие трансакции станат деноминирани во долари без дигитално евро, тоа би ја ограничило ефикасноста на монетарната политика на ЕЦБ врз традиционалното евро“, вели за ДВ Бас ван Донселар, менаџер во Пејмент Џинс Консалтинг.
Трговијата и плаќањата сè повеќе се одвиваат преку интернет и во странски дигитални валути, па дигиталното евро ќе ѝ помогне на ЕЦБ и подобро да управува со понудата на пари, да одговара на економските кризи и да ја заштити валутата од екстерни шокови.
Другите големи економии се движат побрзо, вклучително и дигиталниот јуан на Кина. Откако пилот проектот беше лансиран во 2020 година, креирани се повеќе од 230 милиони лични и околу 18,8 милиони корпоративни паричници со дигитален јуан.
До крајот на ноември минатата година, кинеската дигитална валута процесирала повеќе од 3,48 милијарди кумулативни малопродажни трансакции во вредност од околу 16,7 трилијарди јуани (2,4 трилиони долари или 2,1 трилиони евра), покажуваат податоци на новинската агенција Ксинхуа. Пекинг сега ја унапредува и прекуграничната употреба и дозволува дури и камата за заштеди во дигитални јуани.
Заштита на финансиската стабилност на Европа
За дигиталното евро сепак клучен предизвик е да не функционира како целосна готовинска банкарска сметка затоа што европските банки во тој случај би можеле да бидат исцрпени – особено за време на криза – бидејќи потрошувачите во тој случај би ги префрлиле своите заштеди во дигитални евра.
„Ако нема ограничување колку дигитални евра може да депонира едно лице, тоа станува нешто како замена за банкарска сметка“, предупредува Емануел Ориол, професорка по економија на Економскиот факултет во Тулуз.
За да се превенира такво нешто, ЕЦБ вградува заштитни мерки, како можна горна граница од 3 илјади евра (3.420 американски долари) над која дигиталните евра автоматски би биле пренасочени на регуларната банкарска сметка. За дигиталното евро нема да има камата, па така нема ни поттик за префрлање на заштедите од банките во дигитални евра. На компаниите ќе им биде забрането долгорочно да држат високи салда.
Приватност без надзор
Меѓу потрошувачите приватноста останува една од најголемите задршки. Некои стравуваат дека дигитална валута на ЕЦБ би можела да овозможи државно мониторирање на трошењето, споредувајќи го тоа со кинескиот систем за социјален кредит. Во Кина, граѓаните се оценуваат според нивното однесување, вклучително и финансиската сигурност. Ниски оценки можат да го ограничат пристапот до кредити, работни места, јавни услуги или патување.
Сепак, Ориол отфрла каква било врска со дигиталното евро. „Системите за социјален кредит (како во Кина) немаат никаква врска со ова“, вели таа за ДВ. „Заштитата на приватноста може да се балансира со мерките против криминалот без да се создадат алатки за социјална контрола“, додава Ориол.
ЕЦБ планира да овозможи и исплати од лице на лице директно преку телефоните. Тоа би ја зачувало анонимноста налик на онаа што ја обезбедува кешот за мали секојдневни плаќања, а сепак би било компатибилно со борбата против перење пари.
Евелин Витлокс, директорка на Дигиталното евро во ЕЦБ, предложената валута ја опишува како „безбедна, јавна опција за дигитални плаќања, која ја комбинира леснотијата и практичноста на современите методи на плаќање со довербата и стабилноста што ја нуди готовината“.
Да се натераат банките да купат дигитално евро
Меѓу најголемите предизвици во воведувањето на дигиталното евро е ударот за европските банки и нивните приходи. Продавачите моментално губат дел од секое плаќање со картичка на провизии – често околу 0,5% до 1,5% за трансакција од 100 евра, кои си ги делат банката и процесорот на плаќањето. Дигиталното евро има за цел да ги намали ваквите трошоци.
Многу малопродажни банки тврдат дека ќе го сносат поголемиот дел од трошоците и одговорноста за правење и оперирање со новата инфраструктура, а воедно ќе изгубат значителен извор на приходи од провизии. Затоа многу од нив бараат повисоки лимити за корисниците и фер компензации.
„Балансирањето меѓу моделите за компензација на банките и трговците е клучно“, објаснува Ван Донселар.
„Иако пониски надоместоци за трговците се разбирливи, банките би го завршиле поголемиот дел од работата и треба и тие да имаат одржлив бизнис модел“, вели таа.
Да се олесни прифаќањето од потрошувачите
За да се обезбеди јавно прифаќање, ЕЦБ предлага дигиталното евро да има статус на законско средство за плаќање во целата еврозона. Според сегашните предлози, секој трговец со терминал за плаќање ќе мора да прифаќа дигитални евра по целосна номинална вредност, без дополнителни такси за потрошувачите.
„Како и физичките банкноти, нивната вредност би била поддржана од Евросистемот – Европската централна банка и националните централни банки – така што 1 дигитално евро секогаш ќе биде еднакво на 1 редовно евро. За разлика од криптовалутите, неговата вредност е стабилна и нема да варира“, објаснува Витлокс од ЕЦБ за ДВ.
Земјите кои не се дел од еврозоната би добиле можност исто така да ја нудат валутата. Дигиталното евро би функционирало и офлајн, што е корисно за време на прекини на електрична енергија или во области со слаба интернет врска.
Минатата недела Комитетот за економски и монетарни прашања при Европскиот парламент го одобри својот став за регулативата и го отвори патот за конечни преговори за воведување на дигиталното евро. Креаторите на политиките на ЕУ планираат да ја усвојат правната рамка уште годинава, со пилот-проект планиран за 2027 година и потенцијално целосно лансирање во 2029 година.
Извор: DW/ Автор: Ник Мартин


