ФОТО+ВИДЕО | Во Скопје одамна немало ваква атмосфера — неповторливите „Дјуран Дјуран“ воодушевија во „Борис Трајковски“
Еден од најголемите поп-бендови во светот, предводници на новиот бран, а подоцна и на поп-рокот, „Дјуран Дјуран“, по 14 години повторно се вратија во Скопје и ја претворија Арената „Борис Трајковски“ во место каде што повеќе генерации заедно ги пееја нивните најголеми хитови.
Препорачано
Култниот британски бенд уште еднаш потврди зошто и по повеќе од четири децении е меѓу највлијателните имиња на светската музичка сцена.
Еден месец пред настапот, во ексклузивно интервју за „Слободен печат“, членовите на бендот ни раскажаа дека со задоволство се сеќаваат на концертот во Скопје во 2012 година. Басистот Џон Тејлор тогаш ја опиша македонската публика како „неверојатно страсна“, а синоќешниот концер покажа дека тој впечаток не се променил.

Вечерта ја отвори талентираната и симпатична Дина Јашари со својата група, а потоа на сцената се појавија Сајмон Ле Бон, Ник Роудс, Џон Тејлор и Роџер Тејлор. Концертот почна со „Is There Something I Should Know?“, по што следуваше енергичната „The Wild Boys“. Набргу потоа, со насмевка, Ле Бон им се обрати на присутните: „Мислам дека е време за Џејмс Бонд“, најавувајќи ја „A View to a Kill“. До крајот на речиси двочасовниот настап се нижеа „Hungry Like the Wolf“, „Notorious“, „The Reflex“, „New Moon on Monday“, „Come Undone“, „Ordinary World“, „Girls on Film“, „Save a Prayer“ и „Rio“, како и други песни од нивната богата кариера.
Како што претходно ни најави Сајмон Ле Бон, концертната сет-листа беше внимателно осмислена да ги опфати сите четири децении од кариерата на бендот и да понуди рамнотежа меѓу песните со кои пораснаа нивните долгогодишни обожаватели и поновите изданија. Токму таков беше и концертот во Скопје – музичко патување низ различни периоди од нивната кариера, изведено со енергија каква што ретко се гледа кај бенд со речиси петдецениско постоење.

Се чинеше дека многумина најмногу ја очекуваа изведбата на „Come Undone“, која Ле Бон ја отпеа во дует со една од придружните вокалистки.
Но, еден од најемотивните моменти беше „Ordinary World“. Пред да ја запее песната, фронтменот ја замоли публиката за момент да помисли на луѓето што не се толку среќни како нас, кои секојдневно се борат за слобода, мир и среќа.
– Драго ми е што сум во оваа ваша арена, пред овие убави луѓе. Но, сега сакам да одвоите момент да помислите на луѓето во светот што не се толку среќни како нас. Луѓе што ги поминуваат своите денови во борба. Во борба за слобода, борба за мир, борба за среќа. Луѓе што се борат за своите животи. И се само луѓе што сè што тие сакаат е да ги живеат своите животи во среќа и мир во сопствената земја. Затоа вечерва ќе ја свириме „Ordinary World“ за сите луѓе таму – рече Ле Бон.

По силните овации, „Дјуран Дјуран“ се вратија на бис. Пред изведбата на „Save a Prayer“, Сајмон Ле Бон ја замоли публиката да создаде „ѕвездено небо“. За неколку секунди арената се осветли од илјадници светла од мобилните телефони, а видливо воодушевен од глетката, со насмевка кратко рече: „Ова е преубаво“. Следуваше една од најемотивните изведби на вечерта, а концертот беше заокружен со култната „Rio“.
Спектакуларниот концерт беше во организација на „Авалон продукција“.
Дефинитивно, ова е концерт што ќе остане како драг спомен на секој што имаше можност за го доживее. „Дјуран Дјуран“, ви благодариме за прекрасното искуство што ни го подаривте.


