Автомобил „собира прашина“ на паркинг во Рио де Жанеиро веќе шест години — неговиот сопственик должи 30.000 евра
Автомобил „хонда цивик“ е паркиран веќе шест години на паркингот на аеродромот во Рио де Жанеиро, Бразил, а неговиот сопственик должи дури 30.000 евра за паркирање, пишува „Фигаро“.
Препорачано
Автомобилот повеќе нема регистарска табличка, сите четири гуми се издупчени, а сопственикот се чини дека исчезнал, и покрај големиот долг што го направил.
Возилото кое е изработено во 2008 година, сега е покриено со прашина и ‘рѓа и се чини дека е целосно напуштено.
Паркираниот автомобил долго време беше мистерија, но благодарение на документите пронајдени внатре, локалните медиуми успеаја да го следат „патот“ на возилото.
Автомобилот наводно бил регистриран во Њујорк пред да биде испорачан во Бразил. Клучевите исто така очигледно биле оставени внатре, на предното седиште, што укажува дека сопственикот го оставил набрзина.
Дополнително, полицискиот извештај покажува дека автомобилот бил лоциран во Кабо Фрио во 2019 година, пред да биде преместен на аеродромот во Рио во 2020 година, каде што останал оттогаш.
Иако долгот за паркирање изнесува приближно 350.000 бразилски реали (30.000 евра), сопственикот никогаш не одговорил.
Проблемот е што бразилскиот закон бара идентификација на сопственикот пред возилото да може да се отстрани или продаде.
Иако ваквите ситуации се ретки, појавата на напуштени автомобили на аеродромите не е невообичаена, наведува весникот.
Во повеќето случаи, луѓето кои ги напуштаат своите автомобили се сопственици кои се принудени итно да ја напуштат земјата, честопати поради финансиски тешкотии.


