Ќе чепнат ли од парите домашните фирми или кајмакот ќе го соберат странци?
Надеж влева ангажманот што го доби „Гранит“, кој предводи конзорциум што летово треба да почне да го гради автопатот Скопје – Блаце кој се смета за исклучително сложен проект
Со ребалансот, капиталните расходи се планирани на ниво од 745 милиони евра, а во основниот буџет тие беа 652,4 милиони евра. Иако самата инфраструктура може да доведе до поголема економска активност и до подобар животен стандард на населението, за значењето на јавните инвестиции особено е важно градежните активности и други сервисни услуги да бидат во рацете на домашните компании.
Препорачано
Домашните фирми со години алармираат дека се малку застапени и дека јавните пари одат во странски џебови. Приказната со автопатот Кичево – Охрид и со кинескиот изведувач „Синохидро“ нема кој не ја знае. Во 2023 година, пак, беше потпишан договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10д.
Сепак, домашните компании гледаат надеж дека нештата ќе се сменат и дека тие поактивно ќе учествуваат во градежните инвестиции на државата.
– По подолг период гледаме голем ангажман на македонската влада, македонските компании да бидат вклучени во градежните активности, и тоа не како подизведувачи туку како предводници на проекти. Веќе беше објавено дека македонска фирма ќе работи на патот Скопје – Блаце. Со оглед на тоа дека другите проекти сè уште не се во крајна евалуација, за разлика од оваа каде што има избор на изведувач и на надзорен орган, ова дава надеж и за понатамошно наше вклучување во инвестициските активности – изјави за „Слободен печат“ Андреа Серафиновски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали.
Серафимовски е и член на Управниот одбор на „Гранит“, а токму оваа домашна фирма ќе го гради автопатот Скопје – Блаце.
– По подолг временски период една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект. Во текот на ова лето започнува да се гради автопатот Скопје – Блаце, кој е исклучително комплексен проект. На него имаме пет тунели, имаме две галерии, 12 моста или вкупно околу 40-ина објекти заедно со помалите објекти. Тоа е еден голем инженерски потфат, голем градителски потфат. Но, ќе докажеме дека како држава можеме да работиме големи проекти. Планираме изведувачот да го заврши овој проект во рок од три и пол години. Овој коридор е исклучително значаен зашто Македонија ја поврзува со Косово и со Црна Гора – изјави министерот за транспорт Александар Николоски.
Во неодамнешното интервју за „Слободен печат“, претседателот на Инженерската институција на Македонија Андреј Лепавцов оцени дека Македонија продуцира добри инженери.
– Инженерскиот кадар што се продуцира во Македонија е на добро ниво, и самиот забрзан инвестициски циклус, особено во инфраструктурата, им дава шанса веднаш да се вклучат во изведбата и притоа релативно брзо да стекнат искуство, кое ќе може да го надградуваат во подоцнежните години од нивната кариера. Генерално, најголем дел од инженерскиот кадар, особено во градежништвото, е вклучен во тековните инвестициски проекти – изјави Лепавцов.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска презентирајќи го ребалансот на буџетот истакна дека со него се обезбедуваат дополнителни пари за повеќе капитални проекти, меѓу кои се изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, автопатот Скопје – Блаце, изградбата на железничкиот Коридор 8, инвестициите во водоводни и во канализациски системи, пречистителни станици, системи за управување со отпад, проекти за енергетска ефикасност, изградба и реконструкција на училишта, градинки, студентски домови, како и инвестиции во руралниот развој и модернизацијата на земјоделството. Значително се зголемуваат и средствата за капитални проекти во општините.


