Жена маскирана како маж ја оставила бомбата во Монако

Властите во Монако го утврдиле идентитетот на лицето осомничено за експлозијата во која тешко беа повредени украинскиот мултимилионер Вадим Јермолаев, неговата партнерка и нивниот малолетен син, објави Сан.

Француските медиуми објавуваат дека истражителите веруваат оти лицето кое на снимките од безбедносните камери се гледа со црна рибарска шапка не било маж, туку жена маскирана за да не биде препознаена.

Од Државното обвинителство во Монако соопштија дека по осомничената е распишана потерница. Таа е странска државјанка и, според информациите, веќе не се наоѓа на територијата на кнежевството. Најавено е и издавање црвена потерница преку Интерпол.

Нападот се случил во понеделникот вечерта, кога непознато лице оставило пакет во влезот на станбена зграда во Монако. Набргу потоа одекнала силна експлозија, при што биле повредени три лица.

Истрагата се води како обид за убиство, а не како терористички напад. По детонацијата, осомничената била забележана како бега кон француската општина Босолеј, која се наоѓа веднаш до границата со Монако.

Државниот обвинител Стефан Тибо не ги потврдил медиумските наводи дека осомничената е жена, но нагласил дека брзата соработка меѓу полициите на Монако и Франција помогнала за кратко време да се утврди идентитетот на лицето кое се сомничи за нападот.

Иако властите официјално не ги објавија имињата на повредените, локалните медиуми пишуваат дека цел на нападот бил 58-годишниот Вадим Јермолаев, инвеститор во недвижности кој со години живее во Монако. Тој во 2019 година се откажал од украинското државјанство и станал државјанин на Кипар.

Од декември 2023 година Јермолаев е под санкции на украинските власти поради неговите деловни активности на анектираниот Крим. Киев го обвинува дека работел на полуостровот и плаќал даноци кон Русија и по почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година.

Во експлозијата беа повредени три лица, меѓу кои и 13-годишно дете. Според последните информации, животот на Јермолаев повеќе не е во опасност, додека неговата партнерка и понатаму е во тешка состојба.

Принцот Алберт Втори нападот го оцени како „грозоморно злосторство“.

ВИДЕО | Украински олигарх и неговото семејство се повредени во бомбашки напад во Монако

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот