Аеродром под притисок од насилство и од вандализам — општината го признава проблемот, но ја префрла топката на „системот“
Поради инцидентите со врсничко насилство, аеродромци не се чувствуваат безбедно бидејќи, како што велат, има деца кои доаѓаат во големи групи, а најчесто се од Синѓелик и од Илинден и се вооружени со ножеви и со палки.
Не стивнуваат реакциите од ужаснатата јавност за вознемирувачкиот случај во скопската населба Аеродром, од кој се појави видео со брутално малтретирање на девојче од страна на врсници.
Препорачано
Жители на Аеродром се на работ од трпението, се жалат до нашата редакција дека ова е само еден во низата немили настани и велат дека не ја препознаваат нивната населба за време на викендите, особено во вечерните часови. Тие бараат помош од надлежните да преземат нешто околу вандализмот, гласната бучава од брмчење на мотори во ниедно време и дивеењето, а сето ова не им дава мир и не можат да спијат.
Дополнително, поради инцидентите со врсничко насилство, аеродромци не се чувствуваат безбедно бидејќи, како што велат, има деца кои доаѓаат во големи групи, а најчесто се од Синѓелик и од Илинден и се вооружени со ножеви и со палки.
Неодамна градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, вети дека околу парковите и генерално јавните површини во населбата ќе бидат поставени камери. Потсетуваме дека ова ветување на градоначалникот се случи непосредно по сторен вандализам, откако наш јутјубер преку видео забележа малолетници како уништуваат едно од аеродромските паркчиња.
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | На 20 и 21 јуни ќе се одржи четвртото издание на 3х3-турнирот „Слем џем“
Митески денеска не беше во можност да зборува пред нашата камера, но добивме официјални одговори од општината.
„Кога станува збор за последниот случај на врсничко насилство што ја вознемири јавноста, сметаме дека станува збор за сериозен општествен предизвик кој бара заеднички и системски пристап. Насилството меѓу младите не смее да се релативизира, но истовремено не може да се реши единствено со казнени мерки. Потребни се превенција, воспитување, едукација и континуирана работа со децата уште од најрана возраст. Конкретниот настан не се случил во училиште, ниту за време на наставниот процес, што уште еднаш потврдува дека врсничкото насилство е поширок општествен предизвик и не може да биде одговорност само на една институција. Затоа, решението го гледаме во силна меѓуинституционална соработка и континуирана превенција“, велат оттаму.

Во врска со безбедноста на граѓаните, од општината велат дека се во постојана комуникација со МВР.
„Иако Општината нема законски надлежности во областа на јавниот ред и мир, активно соработуваме со Министерството за внатрешни работи и континуирано иницираме мерки за унапредување на безбедноста во нашата општина. Во таа насока започнуваме со имплементација на проектот за поставување видеонадзор на детските игралишта, парковите и другите јавни површини, со цел полесна идентификација на сторителите на вандалски дејствија и превенција од идни инциденти. Истовремено, во координација со МВР работиме на засилено полициско присуство во периодите и на локациите каде што е проценето дека тоа е најпотребно. Секој што ќе биде затекнат при уништување на детски игралишта, паркови или друга општинска инфраструктура ќе биде соодветно пријавен до надлежните институции, а ние ќе продолжиме навремено да ги санираме оштетувањата со цел да ја зачуваме безбедноста на граѓаните, особено на најмладите“, велат тие.
Општина Аеродром, според нашите читатели, се соочува со недостаток на полиција. Неретко, како што велат оттаму, кога ќе ги повикаат да интервенираат поради инциденти со малолетници, од полицијата или не го сфаќаат сериозно проблемот или доаѓаат доцна. На ова прашање од институцијата велат дека прават сѐ за зголемување на безбедноста.
„Во насока на дополнително унапредување на безбедноста, остануваме во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи и ќе продолжиме да бараме соодветно распоредување на полициските капацитети согласно проценките и потребите на терен. Покрај тоа, во соработка со МВР реализираме заеднички превентивни активности и патроли со цел дополнително зајакнување на безбедноста во заедницата. Веруваме дека безбедноста е заедничка одговорност и дека само преку добра координација меѓу институциите може да се обезбеди ефикасен одговор“, велат тие.

Локалната самоуправа не гледа вина во себе во врска со последните случувања.
„Општина Аеродром е една од општините што континуирано и посветено работи на превенција од врсничко насилство и булинг. Во соработка со Министерството за внатрешни работи, основните училишта, родителите, стручните служби и другите релевантни институции организираме едукативни работилници, трибини, предавања, заеднички превентивни активности и кампањи насочени кон подигнување на свеста кај учениците, препознавање на насилството и негово навремено спречување. Преку заедничките патроли и редовната координација со МВР, како и преку превентивните програми што ги реализираме во училиштата, работиме на создавање побезбедна средина за сите деца. Нашата цел е младите да растат во средина која промовира почит, толеранција, емпатија и одговорност, а не насилство. Апелираме до сите граѓани навремено да ги пријавуваат случаите на насилство и вандализам до надлежните институции, бидејќи само преку заедничка ангажираност, взаемна доверба и одговорност можеме да изградиме побезбедна, посигурна и поквалитетна средина за живот за сите жители“, стои во одговорот.


