ВИДЕО | Јајца и брашно врз пратениците, солзавец врз демонстрантите — хаос пред албанскиот парламент

Продолжуваат протестите пред албанскиот парламент, каде што граѓани се собраа на протест против премиерот Еди Рама и неговата влада. Собирот се одржува паралелно со пленарната седница на Собранието, по повик на организаторите, пренесе Коха.

Според албанските медиуми, полицијата употребила солзавец, пепер-спреј и водени топови.

Граѓаните почнале да се собираат пред парламентот уште во раните утрински часови. Веднаш по почетокот на седницата, околу 10 часот, биле регистрирани првите инциденти. Демонстрантите фрлале јајца и брашно врз пратеници и се обидувале да го пробијат полицискиот кордон, пренесува „Коха“.

Демонстрантите носеле транспаренти со пораки „Време е за будење“ и „Една нација, еден глас, една иднина“. Дел од нив влегле и во блиски ресторан, каде што биле пратеници, и ги гаѓале со јајца и брашно.

Ситуацијата дополнително ескалирала по завршувањето на пленарната седница, кога демонстрантите ги блокирале влезовите и излезите на парламентот, спречувајќи го движењето на службените возила.

За да воспостави контрола, полицијата интервенирала со солзавец и водени топови. Бил формиран безбедносен коридор за возилата да ја напуштат зградата на парламентот, пишуваат медиумите.

За време на полициската интервенција избиле нови тензии. Демонстрантите извикувале слогани и фрлале предмети кон полициските сили. Полицијата привела неколку луѓе, но не се знае колку точно демонстранти се одведени во полициска станица.

Состојбата дополнително се влошила кога дел од демонстрантите се обиделе да ја пробијат металната ограда и полицискиот кордон околу парламентот.

Во судирите биле повредени 3 полицајци, кои биле пренесени во болница за медицинска помош. Неколку демонстранти, исто така, побарале лекарска помош поради последиците од употребата на солзавец.

Безбедносните мерки околу парламентот биле засилени уште пред почетокот на седницата, а пред зградата биле распоредени оклопни возила и водени топови.

И покрај немирите пред парламентот, седницата продолжила според дневниот ред. Биле усвоени неколку закони, а се разговарало и за активностите на независните институции.

Пратеничката група на опозициската Демократска партија на Албанија соопштила дека ја бојкотира седницата. Од партијата го обвиниле мнозинството дека го користи присуството на полицијата за „замолчување на граѓаните што протестираат“.

Според албанските медиуми, протести и помали инциденти имало и претходниот ден пред парламентот, кога биле забележани физички судири и фрлање пиротехнички средства.

Демонстрантите во Албанија ги објавија своите барања: оставка на Еди Рама и преодна техничка влада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот