Импровизирани бомби експлодирале пред домовите на партиски функционери во Солун

Три координирани напади со импровизирани запаливи и експлозивни направи се случија утрово во Солун, пред станбени згради во кои живеат членови и локални функционери на владејачката партија Нова демократија, објави Екатимерини.

Нападите биле изведени на три различни локации во градот, во периодот меѓу 4 и 4:45 часот. Направите, според информациите, биле составени од камперски плински боци и запалив материјал.

Во првите два напада била причинета само материјална штета. Во третиот напад, при кој се запалиле автомобили и мотоцикли, повредени се пет лица.

Меѓу повредените е и кандидатката за пратеник на владејачката партија, Афродити Нестора, која добила изгореници. Нејзината мајка е во критична состојба и е пренесена на интензивна нега, а уште тројца жители биле хоспитализирани поради вдишување чад.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис отпатува во Солун, каде што ги посети повредените. Тој нападите ги оцени како „кукавички обид за убиство“ и порача дека политичкото насилство нема место во демократско општество.

Досега никој не ја презеде одговорноста за нападите. Грчката полиција ја води истрагата, а првичните информации упатуваат дека цел биле лица поврзани со владејачката Нова демократија.

Претходно, на состанок на пратеничката група на Нова демократија, Мицотакис изјави дека има „нулта толеранција за секаков облик на нов тероризам што би се појавил во Грција“. Тој рече дека е згрозен и гневен поради, како што наведе, „кукавичкиот, терористички и убиствен напад“.

Мицотакис нагласи дека Нова демократија во минатото со крв го платила домашниот тероризам и порача дека нема да дозволат повторно појавување на такви појави.

„Испраќаме сосема јасна порака: ќе ве најдеме и ќе ве изведеме пред лицето на правдата. И ова, верувам дека е заложба не само на нашата партија, туку и на сите грчки граѓани кои сакаат нормален живот, без насилство и без вакви појави што во минатото ја повредија, не само нашата партија, туку и земјата“, порача Мицотакис.

Експлозиите се случиле пред домовите на претседателот на Управниот комитет на Нова демократија во Солун, Зисис Јоакимовиц, на поранешниот пратеник од партијата Савас Анастасиадис и на партиската кандидатка Афродити Нестора.

Семејна трагедија во Грција: татко и син загинаа во шумски пожар, мајката заврши во болница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот