Лина е најсилна кога е најтешко

Да се изборите да бидете дел од тенискиот грен-слем крем е голема работа за некој од Македонија, кој покрај вообичаените напори во врвниот спорт, треба да се бори и со проблеми какви што се обезбедување финансии за тренинзи, за патувања, исхрана, грижа за здравјето, справување со повреди и милион други работи што не се толку очигледни за широката спортска јавност

Упорноста се исплати. Понекогаш дури и во тенисот во Македонија. Жив пример дека тоа е точно е Лина Ѓорческа. Македонската тенисерка, по повеќе обиди, конечно успеа да дојде до она кон што се стремеше низ целата кариера. Таа се избори за настапи во главната фаза на еден грен-слем турнир. И тоа на најценетиот од најценетите. На Вимблдон. Тоа го направи во најтешките моменти во својот живот, недолго по починувањето на нејзиниот татко Владимир Ѓорчески, нејзината потпора и инспирација. Тоа е вистински спортски и човечки подвиг. А еве и зошто:

Можеби за некои други поразвиени тениски средини настап на грен-слем и не е некој особен успех. Но за нашава средина тоа е огромно остварување.

Да се изборите да бидете дел од тенискиот грен-слем крем е голема работа за некој од Македонија, кој покрај вообичаените напори во врвниот спорт, треба да се бори и со проблеми какви што се обезбедување финансии за тренинзи, за патувања, исхрана, грижа за здравјето, справување со повреди и милион други работи што не се толку очигледни за широката спортска јавност.

Лина се избори за настап на грен-слем турнир во сингл конкуренција, нешто што досега не му пошло од рака никому во Македонија! Не е случајно така. Во нашава земја тенисер што сака да постигне успех во тој високо компетитивен спорт во светски рамки, е главно оставен сам на себе.

Ова особено дојде до израз во овој момент на кариерата и на животот на Ѓорческа. Недолго пред да го доживее најголемиот успех, таа ја претрпе најголемата загуба во животот. Почина нејзиниот татко, некогашниот познат одбојкар Владимир Ѓорчески, тој што ѝ беше најголемата поддршка во животот и во кариерата.

Како закрепнуваш по една таква загуба, како се враќаш во колосек по таков удар, па успеваш дури и во она за што е потребен огромен физички и уште повеќе ментален напор? Единствено Лина си знае како се справила со загубата, па покрај сите „вообичаени“ проблеми и пречки, успеала да се крене на нозе и да стигне до главната фаза на Вимблдон.

За оние што не знаат колкав напор е да се натпреварувате во тенис на врвно ниво во Македонија, тоа може да се сумира во исказот „сам свој мајстор во сè“. Вообичаен начин на функционирање на Ѓорческа е сама да се занимава со своите патувања, летови, сместувања, тренинзи, сè што е неопходно да се настапува на турнири низ светот. Тоа е дефокусирање што и тоа како влијае во негативна смисла врз резултатите.

Пласман на Вимблдон, тениски турнир наречен неофицијално светско првенство, во рамките на некаква вредносна споредба со други врвни спортови, е како да се пласирате на некој мундијал.

Кога некој ќе го стори тоа препуштен сам на себе, како што е случајот со Ѓорческа, тогаш се добива некаква објективна перцепција за тоа колкаво остварување е пласманот во главниот дел на Вимблдон.

Да се надеваме дека со добиената самодоверба и инспирација од тревните терени на овој грен-слем, Лина ќе успее да ја израдува јавноста со пласман во главната фаза на уште некој грен-слем. Квалитет и талент не ѝ недостасуваше за такво остварување ни во минатото, но тоа досега ја заобиколуваше поради оние претходно набројаните „објективни околности“.

Што да се каже на крајот? Дури и нашата тениска федерација како да подзаборави на нејзиниот настап на Вимблдон, па одржа прес-конференција во исто време кога таа го играше мечот со светскиот број шест Аманда Анисимова. Изгледа како лош „тајминг“. Се надеваме ќе се поправат на нејзиниот следен грен-слем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот