Кристина Арнаудова - претседател и основач на Проект среќа / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Кристина Арнаудова: Ужасно е дека човек треба да умре за да почнат да го почитуваат

Пејачката и хуманитарка Кристина Арнаудова преку социјалните мрежи упати критика до јавноста и медиумите, револтирана од начинот на кој општеството се однесува кон своите уметници и великани дури откако тие ќе заминат.

На нејзиниот инстаграм-профил, таа сподели искрен статус, а како позадина ја постави песната „Лесно ти е да ме оставиш“ од Владо Јаневски, кој по кусо боледување почина на 28 јуни.

„Ужасно е. Ужасно е дека човек треба да умре за да почнат да го почитуваат, да го цитираат, да го пуштаат на радио, да зборуваат колку бил голем и значаен! Ужасно е што оваа земја не оддаде почит на ниту еден голем човек додека беше жив! Додека се живи душа им извадивте, од секакви глупости зборење и лошотии…Ни еден не Ви чинеше.
Ако имате да кажете нешто на човека убаво, кажете му додека е жив! Отпосле, не му значи. Знаете, така?
Морав ова да го кажам, зошто просто е така, и ми тежи! Особено денес.“, напиша Кристина.

Таа со овој статус ја отвора болната тема за македонскиот синдром на „доцно признание“. Изборот на песната на Владо Јаневски дополнително вреди ако се земе предвид дека тој е еден од столбовите на македонската поп-музика.

Реакцијата на Кристина е глас на целата естрада и уметничка фела која со години апелира за поголема почит, поголема застапеност во медиумскиот етер и достоинствен третман на домашните автори додека се сè уште живи.

Во едно интервју за „Слободен печат“, на прашањето: „Ако би почнала од почеток со музика, но во ова денешно време, би го одела ли повторно истиот пат“, Кристина одговори:

„Би го одела, да, но би била поактивна, повеќе би настапувала, би свирела и не би правела толкави паузи. Јас помеѓу секој албум имам голема пауза. Многу сакав да се повлекувам. Уште сум таква. Но, тоа за јавен живот не е добро. Во моментот кога ќе забележев дека ме има премногу, се повлекував. Потоа почнав да правам паузи затоа што морав, станав мајка, која сама си ги гледаше децата, без помош од роднини, пријатели, комшии. Само јас и маж ми“.

ГАЛЕРИЈА | Со многу емоции и „ѕвездено небо“ — стотици граѓани му оддадоа последна почит на Владо Јаневски пред арената „Борис Трајковски“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот