Фотографии направени од астронаутите за време на нивната мисија „Артемис 2“ околу Месечината - Фото: НАСА

Започнува изградбата на базата на НАСА на Месечината, вредна 30 милијарди долари

Плановите на НАСА за изградба на база на Месечината, вредни 30 милијарди долари, влегуваат во сериозна фаза на реализација. Вселенската агенција забрзано разработува начини за испорака на лендери, ровери, возила и друга опрема на површината на Месечината, со цел да се избегнат скапи доцнења.

Во рамките на тие напори, НАСА во вторникот објави дека на трите компании, „Астроботик“, „Фаерфлај“ и „Интуитив машинс“, ќе им исплати околу 590 милиони долари за четири мисии за испорака на научни инструменти и товар на Месечината, пишува Си-ен-ен.

„Астроботик“ е единствениот изведувач на кој му се доделени две мисии. Агенцијата, исто така, ја разгледува можноста роверот за Марс, наречен „Промис“, да биде пренаменет за користење на Месечината. Сето тоа е дел од поширок план за употреба на роботски возила за изградба на инфраструктура што во иднина ќе можат да ја користат човечки истражувачи.

Договорите објавени во вторникот се дел од она што Карлос Гарсија-Галан, програмски директор на НАСА за Месечевата база, го нарече „прва фаза“ од планот за изградба на постојана населба на Месечината. Се очекува оваа почетна фаза да трае до 2028 година и да чини околу 10 милијарди долари.

Минатиот месец НАСА објави и други договори во рамките на првата фаза, вклучувајќи планови за пренамена на три претходно договорени мисии во мисии што ќе бидат директно поврзани со изградбата на Месечевата база.

Во мај агенцијата додели и дополнителни договори во вредност од повеќе од една милијарда долари за развој на возила за движење по површината на Месечината и распоредување дронови што би помогнале во мапирањето на локацијата на идната база, можеби уште во 2028 година.

Втората и третата фаза, кои вклучуваат изградба на првите херметички модули за живеење на Месечината и поставување генератори за електрична енергија, ја претставуваат визијата на НАСА за продолжување на изградбата на базата во текот на 2030-тите години. Крајната цел, како што наведуваат од НАСА, е астронаутите да живеат и работат во „полутрајни“ населби.

Целиот план е дел од настојувањата на вселенската агенција да се натпреварува со Кина, чија вселенска програма во изминатата деценија постигна значителен напредок. Американските законодавци постојано предупредуваат дека кинеските напори би можеле да ја засенат технолошката предност на Соединетите Американски Држави во вселената.

И покрај амбициозните планови, НАСА веќе се соочува со потешкотии. Компанијата „Блу ориџин“, основана од Џеф Безос, требаше подоцна оваа година да го испрати прототипот на својот масивен роботски лендер Blue Moon кон јужниот пол на Месечината. Тоа подрачје е од особено значење бидејќи се смета дека содржи резерви од воден мраз, кој може да се претвори во ракетно гориво или вода за пиење.

Сепак, „Блу ориџин“ во мај претрпе сериозен неуспех кога една од нејзините ракети експлодираше на лансирната рампа, уништувајќи клучна инфраструктура чија обнова ќе трае со месеци. Засега не е јасно колку тоа би можело да го одложи лансирањето на „Блу мун“.

Гарсија-Галан во вторникот посочи дека, доколку биде потребно, лендерот „Блу мун“ би можел да биде лансиран со друго летало, истакнувајќи дека НАСА „разгледува и други можности“ доколку работите на ракетата и лансирната рампа на ‘Блѕ ориџин’ не се одвиваат според планираната динамика.

Администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман, набргу по инцидентот со ракетата „Њу Глен“ јасно порача дека агенцијата има намера активно да соработува со своите партнери од приватниот сектор кога ќе се појават пречки.

– Со месеци во НАСА повторуваме дека нема да седиме со скрстени раце и да чекаме да се создадат услови за остварување на нашите најважни национални цели. Ќе преземеме активна улога заедно со нашите партнери, исто како во шеесеттите години, за да ги надминеме застоите, да ги отстраниме пречките и да ги постигнеме посакуваните резултати – изјавил Ајзакман.

„Блу ориџин“ не е единствениот партнер на НАСА. Компанијата „Спејс Екс“ исто така работи на развојот на својата ракета Starship за превоз на астронаути до Месечината, иако тоа масивно летало сè уште не е оперативно. Сепак, НАСА располага со повеќе други компании кои можат да вршат испорака на товар.

Тексашката компанија „Фаерфлај“ досега е единствената што успешно реализираше ваква мисија, спуштајќи го своето летало „Блу гоуст“ во близина на екваторот на Месечината минатата година. Друга компанија од Тексас, „Интуитив машинс“, двапати успешно испрати лендери во близина на јужниот пол на Месечината, но и во двата случаи леталата се превртеа по слетувањето.

Годинашната серија објави и презентации за изградбата на Месечевата база е осмислена за да поттикне уште поголеми иновации кај партнерите од приватниот сектор, изјави Гарсија-Галан.

– Ако сте дел од индустријата и се прашувате дали треба да инвестирате во проширување на производствените капацитети или во зголемување на бројот на добавувачи во синџирот на снабдување – ова е нашата порака дека сме тука долгорочно, дека побарувачката ќе постои и дека навистина градиме база на Месечината – изјавил тој за Си-ен-ен за време на конференција во април.

Месечевата база е составен дел од програмата „Артемис“ на НАСА, која досега чинеше приближно 100 милијарди долари. Севкупно, НАСА проценува дека самата база ќе чини околу 30 милијарди долари. Целта на програмата е луѓето повторно да се вратат на Месечината, првпат по пет децении, а потоа таму да изградат постојана населба, во што се натпреваруваат и САД и Кина.

Сепак, патот до воспоставување трајна населба на Месечината е исполнет со бројни технолошки, политички и етички предизвици. Експертите предупредуваат на сериозен недостиг од инфраструктура неопходна за функционирање на таква колонија. Дури и прашањето за прецизното мерење на времето сè уште не е решено, бидејќи секундите на Месечината минуваат нешто побрзо отколку на Земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот