Русија планира лансирање вселенски станици на Венера — за проектот се издвоени 58 милиони долари
Државната корпорација „Роскосмос“ предлага да започне со истражување на Венера со употреба на беспилотни станици, според нацрт-претседателскиот декрет за принципите на државната политика во областа на вселенските активности.
Препорачано
Вселенското летало „Венера-Д“ треба да биде лансирано во 2036 година, пренесува „РИА Новости“.
– Спроведувањето на државната политика во областа на вселенските активности предвидува концентрација на ресурси на клучни насоки и проекти што обезбедуваат технолошко водство, технолошки суверенитет, безбедност, економска ефикасност и долгорочен развој, меѓу кои, по 2036 година, истражување на Венера со помош на самостојни вселенски летала – се наведува во нацрт-документот.
Руската влада одобри буџет од околу 58 милиони долари за овие цели, напиша претходно „Интерфакс“, повикувајќи се на официјални изјави од Рускиот совет за стратешки развој.
Советскиот Сојуз лансираше серија од 30 сонди до Венера, како и мисиите Вега 1 и Вега 2, за време на кои балоните лебделе во облаците два дена и испраќале податоци за ветровите и температурата, пред самите вселенски летала да продолжат по својот пат кон Халеевата комета. По распадот на Советскиот Сојуз, Русија нема испратено вселенски летала на оваа планета.
Работата на новиот проект започна на почетокот на 2000-тите, а мисијата беше планирана до 2022 година како заедничко вложување со американската агенција НАСА. Соработката официјално беше прекината во февруари 2022 година поради санкциите и геополитичката ситуација, по што „Роскосмос“ го трансформираше „Венера-Д“ во национален проект.


