Фото: Google Maps / Gözümpabucumda

Лаптопите, телефоните и парфемите остануваат во торба – Скопскиот аеродром со нова технологија

Патниците кои патуваат преку Меѓународниот аеродром „Скопје“ од денеска ќе минуваат низ побрза и поедноставна безбедносна контрола. Благодарение на новата технологија, повеќе нема да има потреба да ги вадат лаптопите, таблетите, мобилните телефони и течностите од рачниот багаж при проверката.

Аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ инвестираше околу еден милион евра во нови системи за безбедносна контрола, меѓу кои два уреди со компјутерска томографија (CT) за скенирање на рачниот багаж и две автоматизирани ленти за враќање на корпите, произведени од британската компанија Smiths Detection.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, изјави дека новата опрема значително ќе го забрза протокот на патници, ќе го намали времето на чекање и ќе ја зголеми удобноста при патувањето.

– Со новата технологија можеме да обработиме до двојно повеќе патници на час по една линија, што е особено важно во периодите на најголем сообраќај – рече Курт.

Заменичката на министерот за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, оцени дека инвестицијата ќе придонесе и за повисоко ниво на безбедност и за поефикасна услуга за патниците, нагласувајќи дека ваква технологија засега нема на друг аеродром во регионот.

Според неа, досегашната соработка со „ТАВ Македонија“ резултирала со инвестиции од околу 50 милиони евра во повеќе инфраструктурни проекти, а во тек е и модернизацијата и проширувањето на аеродромот во Охрид.

Курт истакна дека истите безбедносни системи веќе се користат на некои од најголемите светски аеродроми, како Франкфурт, Хитроу и Цирих, како и на водечки аеродроми во САД, Израел и Индија.

Новите скенери се дел од поширок инвестициски циклус во безбедноста на скопскиот аеродром. Минатата година беа реализирани дополнителни инвестиции од речиси два милиони евра за нов систем за видеонадзор и современ центар за обука и сертификација на безбедносниот персонал.

Во првите пет месеци од годинава двата македонски аеродроми опслужиле 1.580.932 патници, што претставува раст од 31,2 проценти во споредба со истиот период лани. Во истиот период биле реализирани 10.595 летови, односно 9,5 проценти повеќе од 2025 година.

И покрај кризата, скопскиот аеродром е трет по број на патници на просторите на поранешна Југославија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот