Николоски: „Лидл“ маркетите во Македонија би можеле да се отворат околу Нова година
Поставувањето на камен-темелникот за новиот маркет на „Лидл“ во Струмица означува почеток на голем инвестициски проект, кој според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ќе има значајно влијание врз економијата на регионот и државата.
Препорачано
Тој истакна дека станува збор за трансформациски проект кој ќе го промени изгледот на просторот и ќе придонесе за подобрување на деловната клима во земјата. Според него, доаѓањето на еден од најголемите трговски брендови во Европа, „Лидл“, претставува важен чекор за позиционирање на Македонија на економската мапа и за привлекување нови инвестиции.
Николоски нагласи дека вкупните инвестиции поврзани со проектот во државата се проценуваат на околу 200 милиони евра, што, како што рече, е значаен капитал за македонската економија. Тој додаде дека Владата останува посветена на привлекување и поддршка на секоја инвестиција која носи нови работни места и економски раст.
Во своето обраќање, тој посочи и дека новиот објект ќе придонесе за развој на целиот Струмички Регион, особено во делот на земјоделското производство. Според него, локалните производители ќе добијат нови можности за пласман, не само на домашниот, туку и на странските пазари преку мрежата на „Лидл“.
„Струмичкиот Регион е земјоделско срце на Македонија и токму тука се создаваат производи со висок квалитет кои заслужуваат поширок пласман“, порача Николоски, изразувајќи очекување дека дел од локалното производство ќе заврши на полиците на „Лидл“ низ Европа.
Тој додаде дека во наредниот период ќе продолжат реформите за олеснување на процедурите за инвестиции, вклучително и измени во урбанистичкото планирање, со цел вакви проекти побрзо да се реализираат.
Според најавите, првите маркети „Лидл“ во Македонија би можеле да бидат отворени околу крајот на годината, со што земјата ќе стане дел од мрежата на еден од најголемите европски малопродажни синџири.
Лидл продолжува со инвестиции, нови вработувања и развој на домашната економија


