ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Маја Каличанин-Марковска: За 30 години работа немам видено пациент предозиран со витамин Д
Дали во летните месеци треба да продолжиме со суплементација на витамин Д или е доволно изложување на сонце? Дали може да се предозираме со витамин Д? Колку е битно дали имаме вишок на витамин Д или ни недостига? На овие прашања во емисијата „Медицинско катче“ одговори побаравме од д-р Маја Каличанин-Марковска. Таа објаснува дека препораките за внесување на овој витамин зависат од возраста, начинот на живот и индивидуалниот ризик, но предупреди дека сонцето треба да се користи внимателно.
Препорачано
-Витаминот Д е исклучително важен не само за здравјето на коските, туку и за мускулите, имунитетот и нервниот систем. По пандемијата со ковид, свеста за неговото значење значително се зголеми – истакна д-р Каличанин-Марковска.
Според неа, кај бебињата витаминот Д се дава во текот на целата прва година од животот, без разлика на сезоната, поради интензивниот раст и развој.
-По првата година препорачуваме суплементација од октомври до крајот на мај, бидејќи денешните деца сè повеќе време поминуваат во затворени простории, а сè помалку на сонце – објасни таа.
За возрасните, лекарката вели дека најголем дел од денот го поминуваат во канцеларии и затворени простори, па често не создаваат доволно витамин Д природно. Најдобро време за изложување на сонце е од 6 до 10 часот наутро. Во периодот од 10 до 16 или 17 часот не препорачуваме изложување, бидејќи тогаш ризикот од оштетување на кожата е многу поголем, а придобивките за синтеза на витамин Д се минимални. Таа посочи дека користењето креми со висок заштитен фактор ја намалува можноста за создавање витамин Д преку кожата.
-Колку е повисок заштитниот фактор, толку е помало создавањето на витамин Д. Затоа, препораката е кратко утринско изложување на сонце, а потоа задолжително заштита на кожата – вели докторката.

Во однос на предозирањето, д-р Каличанин-Марковска нагласи дека тоа е многу ретка појава.
-За 30 години работа немам сретнато пациент кој бил предозиран со витамин Д. Тоа е можно само при долготрајно земање многу високи дози – вели Каличанин.
Таа смета дека нема потреба нивото на витамин Д да се проверува премногу често.
-Доволно е еднаш годишно да се направи контрола. Витаминот Д е липосолубилен и организмот создава резерви кои се користат во периодите кога внесот е помал – вели докторката.
Таа објаснува дека ризикот од остеопороза значително се зголемува кај жените во менопауза.
-Три до пет години по влегување во менопауза треба да се направи ДЕКСА мерење на коскената густина. Нашата цел е навреме да го откриеме ризикот и да спречиме скршеници – вели Каличанин Марковска.
Како препорака до родителите, таа истакна дека децата треба повеќе да престојуваат на отворено, но не во најтоплиот дел од денот.

-Децата треба да бидат физички активни, да си играат надвор, но да не се изложуваат на директно сонце во најжешките часови. Во лето треба да внесуваат доволно течности и да бидат соодветно заштитени од сонцето – порача д-р Маја Каличанин-Марковска.


