Фото: EPA/Henry Chirinos

ВИДЕО | Го пронашле со камера меѓу бетонските плочи – маж преживеал осум дена под урнатините во Венецуела

Осум дена по катастрофалниот земјотрес во Венецуела, спасувачките екипи извлекоа жив маж од урнатините на осумкатна зграда. Операцијата, во која учествувале меѓународни тимови, спасувачите ја опишале како вистинско чудо, објави Би-би-си.

Хернан Алберто Гил Флорес, обезбедувач на возраст во четириесеттите години, бил пронајден под речиси девет метри бетон и урнатини, во срушениот паркинг на трговски центар во Ла Гваира. Овој град е меѓу најтешко погодените подрачја по силните земјотреси што ја погодија Венецуела минатата недела.

Во спасувањето биле вклучени екипи од повеќе држави, а целата операција траела повеќе од 70 часа. Според чилеанската противпожарна служба, Гил по извлекувањето бил пренесен во болница и е во добра состојба, објави Си-ен-ен.

Луис Родригез, лекар од Венецуелскиот Црвен крст, за Ројтерс изјави дека Гил бил стабилен кога бил пренесен во амбулантното возило.

„Беше свесен, целосно ориентиран и соработуваше со лекарите во текот на целиот транспорт. Сите витални знаци беа нормални“, рече Родригез.

Неговата сопруга, Гусвимар Гонзалес, за Си-ен-ен изјави дека со денови живеела во длабока тага, уверена дека нејзиниот сопруг не преживеал.

„Кога дознав дека е жив, повторно видов зрак надеж“, рекла таа. Додала дека Гил се однесувал како вистински херој и дека нивните деца го чекале дома.

Првиот визуелен контакт со него спасувачите го воспоставиле во средата, со камера спуштена низ тесен отвор меѓу бетонските плочи. На снимките објавени од чилеанските пожарникари се гледало како Гил ги движи прстите низ мал простор меѓу бетонските слоеви и урнатините.

Додека траела операцијата, спасувачите постојано комуницирале со него, а преку цевки му доставувале вода, храна и лекови. Спасувањето било исклучително тешко, бидејќи конструкцијата на зградата останала нестабилна, а екипите се соочувале и со чести уривања во тунелите што ги копале за да стигнат до заробениот маж.

Себастијан Мокоркер од Тимот за проценка и координација на катастрофи на Обединетите нации изјави дека вакви спасувања по седмиот ден од земјотрес се исклучително ретки.

„Таканаречениот златен период за пронаоѓање преживеани обично е околу три дена. После тоа, шансите за преживување без извор на вода нагло се намалуваат“, рече тој.

Информацијата дека под урнатините на трговскиот центар „Галеријас Плаја Гранде“ можеби има преживеан, спасувачите ја добиле дури во неделата. Неговото присуство потоа било потврдено со радар, сонар и уреди за детекција на звук.

Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, го поздрави успешниот крај на спасувачката акција.

„Денес го славиме животот на Хернан Гил. Благодарност до сите национални и меѓународни спасувачи кои го вложија своето време, сила и срце во оваа мисија“, изјави Родригез.

Потрагата по преживеани во Венецуела сè уште не е завршена. Во Ла Гваира, крајбрежниот град каде што беше пронајден Гил, жителите и спасувачите и натаму рачно ги расчистуваат урнатините, често само со лопати и со голи раце.

Според најновите официјални податоци, во земјотресите загинале најмалку 2.295 луѓе, но постои стравување дека вистинскиот број на жртви може да биде значително поголем.

Две момчиња спасени од урнатините на земјотресот во Венецуела, каде беа заробени со денови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот