ВИДЕО| Шпанија со половина сили до мундијалско осминафинале
Шпанија ја преслуша Австрија и со убедлива победа од 3-0 на стадионот во Лос Анџелес, обезбеди место во осминафиналето на Мундијалот. Предводена од расположениот Ојарзабал, кој постигна два погодоци, „фуријата“ уште еднаш покажа зошто е меѓу главните фаворити за светската титула.
Препорачано
Натпреварот започна со иницијатива на Шпанија, Јамал и Олмо се закануваа во почетните минути, а голманот на Австрија, Шлагер беше на висина на задачата. Сепак, одбраната на Австрија капитулираше во 36.минута, по мајсторската акција на Шпанија која беше крунисана од Ојарзабал. До крајот на полувремето, „фуријата“ се загрози и преку ударот на Алекс Баена од слободен удар, но пречката ја спаси Австрија. Во второто полувреме, Шпанците продолжија да доминираат и го зголемија водството во 66.минута кога Педро Поро ја затресе мрежата на Шлагер по центаршутот на Баена. Конечниот резултат го постави Ојарзабал во 89.минута со рутинска завршница. Фудбалерот на Реал Сосиедад ја продолжува својата импресивна репрезентативна форма, сега има директно учество во 24 погодоци на последните 15 натпревари на кои бил стартер за националниот тим.
Шпанија ја продолжи и импресивната дефанзивна серија. „Црвената фурија“ четврти последователен натпревар на Светските првенства не прими гол, со што го израмни сопствениот рекорд поставен на шампионскиот Мундијал во 2010 година. Доколку успее да ја сочува мрежата и во следниот меч, Шпанците ќе станат само третата репрезентација во историјата што врзала пет натпревари без примен гол на Светско првенство, по Италија (1990) и Швајцарија (2006–2010).
Нов рекорд постави и голманот Унаи Симон. Со 477 последователни минути без примен гол на Светските првенства, чуварот на мрежата на Шпанија го надмина легендарниот Икер Касиљас и стана голманот со најдолг временски интервал без капитулација во историјата на шпанската репрезентација на мундијалите.
𝗘𝗥𝗘𝗦 𝗛𝗜𝗦𝗧𝗢𝗥𝗜𝗔, 𝗨𝗻𝗮𝗶.
ℹ️ Tenemos un portero de récord: https://t.co/szDyo2fgzQ
🇪🇸 🆚 🇦🇹 | 2-0 | 90’#VamosEspaña | #CopaMundialFIFA pic.twitter.com/3tcSVxiEw0
— Selección Española Masculina de Fútbol (@SEFutbol) July 2, 2026
„Црвената фурија“ во осминафиналето ќе го чека победникот од вечерашниот дуел меѓу Португалија и Хрватска.


