Фото: Принтскрин / Фејсбук

Ранетата срна од Кичевско доби шанса за живот — Бамби е вдомена во село, се дружи со јаре спасено од колење

Срната стара само два месеца, наречена Бамби, која минатата недела беше пронајдена во Кичевско со тешки повреди од нелегална стапица, засега нема да биде евтаназирана, информираат од Здружението за заштита на животни „Анимал рескју проект“.

Срната, пронајдена во поле во Кичевско со тешки рани на нозете откако се фатила во стапица за диви свињи, сепак има исклучително лоши прогноси, но активистите велат дека ќе ѝ дадат уште малку време и ќе продолжат со терапија и преврски.

Како што пишуваше „Слободен печат“ срната била пронајдена од двајца работници на ЕВН во житно поле, со две речиси пресечени нозе, а третата тешко повредена. Според здружението, некој ја извадил од стапицата, но ја оставил да страда. Раните биле длабоки, отворени и полни со ларви.

Бамби најпрво била однесена на ветеринар во Кичево, каде добила антибиотска терапија, по што била пренесена во Скопје. Направени биле рендгенски снимки и повеќе консултации со ветеринари, меѓу кои и со експерти со искуство со диви животни.

Првично се сметало дека ќе биде потребна ампутација на една нога, но дополнителните прегледи покажале дека три нозе се практично неповратно оштетени.

„На Бамби не ѝ недостига дом, љубов или ветеринарна грижа. На Бамби ѝ недостигаат нозе“, велат од здружението, нагласувајќи дека станува збор за диво животно кое живее под огромен стрес.

Бамби е преместена на мирно место на село, каде ќе продолжи да прима терапија. Таму со неа е и мало јаре спасено од колење, а двете животни веднаш се зближиле.

„Анимал рескју проект“ им се заблагодари на луѓето од ЕВН, како и на стручните лица од ветеринарната амбуланта во Скопје кои се грижеле за срната.

ВИДЕО | Приказна што го распарчува срцето: оваа срна, пронајдена во Кичевско, утре ќе биде евтаназирана

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот