Ернест Хемингвеј во различни фази од животот / Фото: Profimedia

Мајка му го третирала како женско, ја преживеал војната, бил хомофоб и латентен хомосексуалец – неверојатниот живот на нобеловецот Хемингвеј

Денеска, на 2 јули, се навршуваат 65 години од смртта на Ернест Хемингвеј – еден од најголемите писатели на 20 век, добитник на Пулицеровата и Нобеловата награда за литература.

Авторот на „Старецот и морето“, „За кого бијат камбаните“ и „И сонцето повторно изгрева“ зад себе остави книжевно наследство што и денес се смета за едно од најзначајните во светската литература, но неговиот приватен живот бил исполнет со трагедии, воени искуства, љубовни разочарувања, психички проблеми и бројни контроверзии.

Мајка му посакувала да биде девојче

Хемингвеј е роден на 21 јули 1899 година во Оук Парк, Илиноис, како второ од шесте деца во семејството. Неговата мајка Грејс сонувала за оперска кариера и, според биографите, била опседната со идејата да има близнаци.

Бидејќи тоа не се случило, Ернест и неговата постара сестра Марселин ги облекувала во иста облека, ги потстрижувала исто и ги претставувала како близнаци. Дури го нарекувала и „Ернестина“, надевајќи се дека ќе развие интерес за музиката.

Ернест Хемингвеј како бебе / Фото: Profimedia

Наместо тоа, идниот писател ги наследил интересите на својот татко – ловот, риболовот и долгите престои во природа. Токму тие детски искуства подоцна ќе станат препознатлив дел од неговите романи и раскази.

Подоцна во животот, Хемингвеј изградил имиџ на силен, бескомпромисен и авантуристички настроен маж. Бил познат и по своите хомофобични ставови, иако со децении постојат различни толкувања и шпекулации за неговата сексуалност. Сепак, ниту една од тие теории никогаш не била потврдена со докази.

Семејството Хемингвеј / Фото: Profimedia

Војната го претвори во книжевен великан

Кога избувнала Првата светска војна, Хемингвеј сакал да се приклучи на американската армија, но бил одбиен поради слаб вид. Наместо тоа, заминал во Италија како возач на амбулантно возило на Црвениот крст.

Уште во првите денови на фронтот бил сведок на ужасите на војната. Подоцна бил тешко ранет додека им доставувал намирници на италијанските војници, но успеал да спаси еден ранет војник, поради што бил одликуван со Сребрен медал за храброст.

Додека закрепнувал во болница во Милано, се вљубил во медицинската сестра Агнес фон Куровски. Нивната љубов не завршила среќно, но подоцна станала инспирација за дел од неговото книжевно творештво.

Ернест Хемингвеј во болница во Милано / Фото: Profimedia

По војната се преселил во Париз, каде што станал дел од славната „Изгубена генерација“. Таму се дружел со книжевници како Гертруда Стајн, Ф. Скот Фицџералд и Џејмс Џојс и го изградил својот препознатлив минималистички стил на пишување.

Неговите дела „И сонцето повторно изгрева“, „За кого бијат камбаните“ и „Старецот и морето“ го вброиле меѓу најголемите светски писатели. Во 1953 година ја добил Пулицеровата награда, а една година подоцна и Нобеловата награда за литература.

Ернест Хемингвеј во својата куќа во Куба во 1951 година / Фото: Profimedia

Последната битка ја загуби самиот со себе

Во последните години од животот, Хемингвеј водел тешка битка со депресијата и сериозни психички проблеми. Во 1960 и 1961 година двапати бил хоспитализиран во клиниката „Мајо“ во Минесота, каде што бил подложен и на електроконвулзивна терапија. За време на лекувањето за него се грижел тим католички медицински сестри, предводен од сестра Имакулата.

Иако не се познати сите детали за нивниот однос, јасно е дека меѓу нив се создала посебна врска. На 16 јуни 1961 година, само шеснаесет дена пред да си го одземе животот, Хемингвеј ѝ подарил примерок од својата новела „Старецот и морето“ со лична посвета:

„За сестра Имакулата: Оваа книга, со надеж дека ќе напишам уште една исто толку добра за Вас, кога повторно ќе ми се врати среќата во пишувањето. А ќе ми се врати.“

Надежната посвета на „Старецот и морето“ / Фото: Profimedia

За жал, тоа никогаш не се случило. На 2 јули 1961 година, на 61-годишна возраст, Хемингвеј си го одзел животот во својот дом во Ајдахо.

Повеќе од шест децении книгата со неговата посвета ја чувале сестрите од Редот на Свети Фрањо во Рочестер, а денес таа официјално е донирана на Музејот на Нобеловата награда во Стокхолм.

Според главниот кустос на музејот, Улф Ларсон, токму оваа кратка порака го прикажува Хемингвеј во последните денови од неговиот живот – „сè уште полн со надеж, сè уште убеден дека ќе пишува и дека пред него има уште една приказна“, пишува „Њујорк тајмс“.

Ернест Хемингвеј во последните години од животот / Фото: Profimedia

Најкраткиот расказ на светот има само шест збора, а го напишал славниот Хемингвеј

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот