џорџ мајкл
Џорџ Мајкл / Фото: Принтскрин/Инстаграм

„Како да бев проколнат“: 12 години живеел во страв, а откако почина светот дозна колку животи спасил – деценија без Џорџ Мајкл

Како исклучително продуктивен пејач, автор, композитор, аранжер и продуцент, Мајкл стоел зад речиси сите свои најголеми хитови — и во периодот со Wham!, и во својата мошне успешна соло-кариера.

Џорџ Мајкл е една од оние глобални музички икони, кои ќе останат запаметени поради неколку различни аспекти на неговиот професионален, но и приватен живот. Општеството налагаше да чекори на тенката линијата помеѓу „омилениот“ и „осудуваниот“. Неговиот животот е комбинација од огромни триумфи и длабоки лични трагедии.

Џорџ Мајкл / Фото: EVERT ELZINGA / AFP / Profimedia

И додека медиумите со децении пренесуваа за неговите неверојатни успеси, а таблоидите се фокусираа на падовите, пороците и судирите со законот, неговата вистинската големина остана скриена зад превезот на строга анонимност. Дури по неговото прерано заминување, светот ја откри неговата најважна улога, улогата на хуманитарец кој со милионски донации спасувал човечки животи, не барајќи за возврат ниту аплауз, ниту признание, сè во духот на „десната рака да не знае што прави левата“.

Тајниот филантроп

Зад затворени врати Џорџ Мајкл имал мека и емпатична душа, која сакала да помогне секому. Најфасцинантниот дел во сето тоа била неговата категорична одлука да помага во апсолутна анонимност, далеку од очите на јавноста. Вистината за неговото огромно срце излезе на виделина дури по неговата смрт во декември 2016, кога луѓето на кои им ги променил животите решиле да ја споделат вистината со светот.

Едно од највпечатливите сведоштва доаѓа од националната организација за помош на деца и млади во Велика Британија. Основачката на ова здружение, Естер Ранцен, по неговото заминување откри дека пејачот со децении бил нивниот најголем поединечен донатор, отстапувајќи ги сите приходи од својот голем хит „Исус за дете“:

„Џорџ ни даде милиони фунти низ годините. Беше решен никој надвор од организацијата да не дознае колку е дарежлив. Неговиот придонес спаси стотици илјадници чувствителни деца во земјата, а тој никогаш не побара ниту еден збор пофалба или благодарност.“

Уште една неверојатната приказна раскажа новинарот Ендру Пирс, за случајна средба во локален бар, каде Џорџ слушнал разговор на една расплакана студентка по медицина која имала огромен долг и размислувала да го прекине школувањето:

„Џорџ почека девојката да си замине, па му пријде на сопственикот на барот, му потпиша чек на таа сума од пет илјади фунти и му рече: ‘Дај ѝ го ова кога ќе се врати, но кажи ѝ дека парите се од анонимен странец’. Девојката никогаш не дозна кој ѝ ги платил студиите сè до неделата кога тој почина.“

Волонтерите од едно лондонско прифатилиште за бездомни луѓе со години ја чувале неговата најголема тајна, работејќи со него како со најобичен човек:

„Тој работеше во кујната со нас, чистеше и подготвуваше храна за бездомните луѓе. Побара од сите волонтери да се заколнат на тајност и да не откриваат ништо на социјалните мрежи, бидејќи не сакаше медиумите да прават циркус од неговата желба да помогне.“

Извршниот продуцент Ричард Осман, раскажал дека Џорџ реагирал и кога случајно во една емисија на телевизја видел жена која гостувала и очајно сакала да стане мајка, но немала пари за приватно медицинско оплодување. Неговиот чин го потврдил продуцентот, а мајката Лин Чарлс подоцна со солзи во очите се присети:

 „Дознав дека тој ми ги дал тие петнаесет илјади фунти дури по десет години. Бев шокирана од неговата добрина. Благодарение на него, денес имам прекрасен син.“

Сите овие мали, но огромни приказни од неговиот живот сведочат за тоа дека Џорџ Мајкл не ја користел хуманоста како маркетинг алатка за градење на својот имиџ. За него, тоа била тивок, интимен и суштински дел од неговата комплексна, но благородна природа.

Пред десет години, по веста за неговата трагична смрт „Гардијан“ ги потцрта неговите најважни животни моменти, еве ја приказната на Џорџ Мајкл од самото детство до последните години од животот:

Детство и првите чекори во музиката

Џорџ Мајкл е роден на 25 јуни 1963 година во Источен Финчли, под името Георгиос Киријакос Панајоту. Растел во северен Лондон, во семејство со кипарско и англиско потекло. Неговиот татко, роден на Кипар, подоцна го променил името во Џек Панос, а мајка му била Англичанка и работела како танчерка.

Во 1975 година семејството се преселува во Хартфордшир, каде Џорџ се запишува во училиштето „Буши Мидс“. Таму го запознава Ендру Риџли, пријателство што подоцна ќе доведе до создавање на едно од најпознатите поп-дуа во историјата.

Формирањето на Wham! и светскиот пробив

Во 1981 година, по заедничко свирење во ска-групата „Д Егзекутив“, Џорџ Мајкл и Ендру Риџли официјално го формираат дуото Wham! („Вем!“). Во тој период Џорџ веќе работи и како диџеј во локалните клубови, градејќи го својот музички стил и сценско присуство.

Првиот албум на дуото „Фантастично“ (Fantastic) брзо се искачува на врвот на британските топ-листи. Вториот албум „Направи го големо“ (Make It Big) им носи меѓународен успех, особено во Соединетите Американски Држави, со хитови кои стануваат глобални класици. Во истиот период Џорџ ја објавува и соло песната „Безгрижен шепот“ (Careless Whisper), која станува огромен светски хит и се искачува на првото место во многу земји. Фактот дека самиот ја напишал култната песна кога имал само 17 години, доловува колку талентиран бил и колку музиката го исполнува.

Соло кариера и големи успеси

Во 1986 година „Вем!“ се распаѓа, откако станува јасно дека Џорџ Мајкл има огромен потенцијал како соло артист. Набргу потоа тој започнува самостојна кариера.

Во 1987 година ја снима песната со Арета Френклин „Знаев дека ме чекаше“ I Knew You Were Waiting (For Me), а истата година го објавува и првиот соло албум „Феит“ (Faith), кој постигнува огромен комерцијален успех и се продава во милиони примероци. Во овој период тој се етаблира како една од најголемите поп-ѕвезди во светот.

Лични трагедии и тешки години

Во почетокот на деведесеттите години, Џорџ Мајкл се соочува со серија лични трагедии. Неговиот партнер Анселмо Фелепа дознава дека е позитивен на ХИВ вирус, а по неговата смрт, Џорџ минува низ длабока емоционална криза. Подоцна преку писмо им открива на своите родители дека е геј, но тоа останува приватна информација за јавноста во тој период.

Во 1993 година Анселмо умира, а Џорџ запаѓа во депресија и зависност од антидепресиви и канабис. Во 1996 година се враќа на сцената со песната „Исус за детето“ (Jesus to a Child)  и албумот „Постар“ (Older), посветен на неговата љубов. Набргу потоа ја губи и мајка си, што дополнително го продлабочува неговиот личен пад.

Во 2005 година, Мајкл изјави дека цели 12 години, почнувајќи од 1991 година, живеел заробен во „депресија, страв и уште многу други маки. „Се колнам во Бога, како да бев проколнат“, изјавил тогаш.

Јавни скандали, откривање на идентитетот и враќање

Џорџ Мајкл беше револуционерна ЛГБТК+ икона, чие јавно „излегување од плакарот“ во 1998 година се случи по едно принудно и силно медиумски-експонирано апсење во Лос Анџелес. Тогаш Мајкл откри дека е во врска со американскиот бизнисмен Кени Гос и своевремениот скандал го трансформираше во силна порака за слобода и автентичност, пркосна прослава на квир идентитетот. Тој и денес се слави како уметник кој ја користеше својата огромна платформа за да се залага за прифаќање, но и неуморно собираше средства за хуманитарни организации посветени на борбата против ХИВ/СИДА.

Џорџ Мајкл и Фреди Мерјури / Фото: Profimedia

Во 2003 година го објавува политичкиот сингл „Застрелај го кучето“ (Shoot the Dog), со кој остро ги критикува светските лидери и војната во Ирак. Ова му носи контроверзии, но и внимание од јавноста.

Една година подоцна се враќа на врвот со албумот „Трпение“ (Patience), кој повторно станува број еден на топ-листите. Во 2005 година настапува на големиот хуманитарен концерт „Лајв 8“ (Live 8) , заедно со Пол Мекартни.

Здравствени проблеми и последни години

Во периодот од 2006 до 2010 година се соочува со проблеми со законот поврзани со дрога и сообраќајни инциденти, по што поминува и време на рехабилитација.

Во 2011 година за време на турнеја завршува во критична состојба поради пневмонија, по што е хоспитализиран. Во 2014 година го издава својот последен албум „Симфоника“ (Symphonica), со кој настапува на престижни сцени и донира приходи за хуманитарни цели.

Џорџ Мајкл ги поминува последните години далеку од јавноста. Почина на 25 декември 2016 година, на 53-годишна возраст, од срцев удар во својот дом во Оксфордшир.

Неговиот живот останува запаметен како приказна за огромен талент, светска слава, лични борби, активизам, филантропија и музичко наследство кое уште долго ќе се памети.

Profimedia

Некои од најдобрите хитови на Џорџ Мајкл

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот