ВИДЕО | Елвир Мекиќ го покажа синот — Дарис е негова копија
Пејачот и кантавтор Елвир Мекиќ, кој веќе подолго време живее во Сараево, сподели ретко видео со својот син Дарис. Тој ретко споделува моменти од својот приватен живот, но овојпат направи исклучок.
Препорачано
На својот тикток-профил, Елвир објави видео кадешто со синот го пее својот нов хит „Делириум“, дует со Јован Јованов и со Пајак.
Малиот Дарис е копија на татко му, и она што веднаш паѓа во очи е неверојатната физичка сличност меѓу таткото и синот. Дарис е накусо кажано „мини-верзија“ на Елвир.
Мекиќ во последните години беше повеќе посветен на семејниот живот и работата во претставништвото на една македонска винарија во Сараево отколку на активната естрадна кариера во Македонија, сè до заедничкиот спектакуларен концерт со Јован Јованов и гостите кој го одржаа на 6 јуни во Скопје.
„Сараево ми донесе мир. Тој град има некоја топлина што не може да се објасни, мора да се почувствува. Ми помогна да го забавам темпото и повеќе да уживам во животот. А сопругата… таа е мојата сигурност. Најмногу ја ценам нејзината смиреност и тоа што секогаш знае да ме врати ‘на земја’ кога ќе летнам со идеи. Јас сум повеќе емотивец, таа е разумот во куќата“, рече Мекиќ во интервју за „Слобоен печат“.
„Се трудам да бидам присутен татко, а не само „татко на хартија“. Татковството ме научи на трпение и ми покажа што навистина е важно во животот. Дарис е прекрасно дете, паметен, чувствителен и полн со енергија. Има 13 години, се занимава со фудбал и гледам дека има дисциплина и карактер, што за мене како родител е многу важно. Искрено, понекогаш мислам дека е позрел од мене на негови години“, изјави пејачот за синот.


