Петар Стојанов и Емра Куртишова/Фото: Приватна архива

Интервју со актерот Петар Стојанов: Еден поглед од Емра беше доволен, сè друго е историја

Со сопругата Емра Куртишова, која исто така е актерка, ја споделува и сцената и секојдневието, а нивната ќерка Лена, како што вели самиот, е неговата најважна животна улога и најголема инспирација.

Петар Стојанов, актер во Театарот за деца и младинци, низ годините оствари многубројни улоги што го доближија до најмладата публика, но и до возрасните. Покрај актерството, важен дел од неговиот живот се семејството и татковството. Со сопругата Емра Куртишова, која исто така е актерка, ја споделува и сцената и секојдневието, а нивната ќерка Лена, како што вели самиот, е неговата најважна животна улога и најголема инспирација.

Со Петар зборуваме за актерството, љубовта, семејството и за предизвиците на животот меѓу сцената и домот.

Петар Стојанов/Фото: Приватна архива

За почеток, како си деновиве? Што те исполнува и ти носи најмногу насмевки, на сцената или дома?

– Деновиве т.е. месециве ги поминував секојдневно во театар подготвувајќи ја новата претстава „Патот на Баба Јага“. Така што малку уморно, но во исто време многу исполнето и среќно. На сцената имам прекрасни колеги, а дома прекрасна фамилија што ми изнудува насмевки во секој дел од денот.

Успешно ги балансираш актерската кариера и семејниот живот… но, ајде со ред. Кога сфати дека актерството нема да биде само детски сон, туку професија на која сакаш целосно да ѝ се посветиш?

– Не ми требаше многу време да го сфатам тоа. Уште во раните средношколски денови знаев дека сакам да бидам ова што сум денес и вредно работев и истражував за да стигнам до овде сега. Музиката, танцот и актерството беа составен дел од мене уште од најрана возраст.

Денес си дел од Театарот за деца и младинци. Што е најубавото, а што најголемиот предизвик кога настапуваш пред публика што секогаш реагира искрено?

– Слободата на изразот на сцена. Тоа најмногу ми годи во Театарот за деца и младинци, бидејќи децата сакаат пред себе да гледаат реални и динамични ликови што се блиски до нивниот темперамент и фантазија. Умешноста е во тоа како од едно дело или лик да отскокнеш чекор-два, да им се доближиш, да ги фатиш во мрежата и да се вратиш назад каде што треба во постановката. Тоа е нешто што отсекогаш ме фасцинирало.

Во текот на кариерата си играл различни ликови и си работел со многубројни режисери. Која улога досега најмногу те промени, не само како актер, туку и како човек?

– Досега во ТДМ имам 13 претстави и секоја ме пораснала и ме променила на свој начин. Не можам да издвојам една, бидејќи секоја е вистински ролеркостер. Почнувајќи од „Која е Лорет“, претстава што зборува за децата со попреченост, преку „Роња“, „Што е силеџија“, „Хајди“ и многу други.

Со Емра ве поврзува не само љубовта, туку и актерството. Што најмногу те освои кај неа и како почна вашата љубовна приказна?

– За мене беше доволен само еден поглед од Емра (првиот ден на работа во Театар) за да сфатам дека, сепак, постои човек што може да те разбере и без зборови. Колку повеќе работевме заедно толку повеќе знаев дека таа е вистинската за мене. Е сега, требаше малку време за и таа да го сфати тоа, но, за среќа, го сфати брзо и сѐ друго сега е историја.

Петар Стојанов и Емра Куртишова/Фото: Приватна архива

Како изгледа брак меѓу двајца актери? Колку тоа е предизвик, но колку понекогаш и целата ситуација „нервира“?

– Додека театарот е надвор од дома тоа не се чувствува, но бидејќи нашата работа подразбира и работа во домашни услови, тука малку работите знаат да излезат од контрола, нормално не секогаш. Јас и Емра сме многу блиски во однос на работата (перфекционисти), па кога ќе се спојат плус и плус, не е баш најдобро. Ха-ха-ха, но брзо ги надминуваме проблемите и ги решаваме на сцена како што треба.

Актер, сопруг, татко… Колку Лена те промени и каков татко е Петар, а со оглед дека уште е мала, како е кај вас дома?

– Лена ми го промени животот од корен. Ми ја даде вистинската смисла за моето постоење. Се трудам секојдневно да бидам најдобрата верзија од себе, да бидам присутен во секој момент за неа и да се радувам на секој поминат ден заедно. Иако е „мала“ (не би рекол баш), ха-ха, таа ја има моќта да нѐ трансформира во војници за подобро утре.

Петар Стојанов и Емра Куртишова со ќерката Лена/Фото: Приватна архива

Кога ќе се изгаснат рефлекторите и ќе завршат пробите, како изгледа еден обичен ден на Петар Стојанов? Имаш ли хоби, ритуал или навика што малкумина ја знаат?

– Ритуал нормално ми е утринското кафе, да ја однесам Лена во градинка, да тркнам до теретана и да заминам на проба, претстава или кабаре. А потоа, со душа чекам да се вратам дома и да видам каква „беља“ сум пропуштил од Лена (ха-ха).

Театарот за деца бара многу имагинација и искреност. Дали и денес успеваш да го зачуваш детето во себе и што најлесно те враќа во тие безгрижни години?

– Апсолутно, детето во нас треба да биде составен дел од секојдневниот живот. Иако во денешно време со сите предизвици со кои се соочуваме е сѐ потешко, мораме да се потсетиме на радоста и наивноста која е скриена длабоко во секој од нас и макар еднаш во денот да дозволиме таа да нѐ плени нас и луѓето околу нас.

Интервју со Татјана Јанушева, интернационална манекенка: Не е лесно да го освоиш Париз, светската мода бара да бидеш секогаш во форма

Интервју со Валентин Петрески, ТВ-водител: Како и во кујната, така и пред камера, не одам по правила, туку по свој рецепт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот