Боре како Крап во Последната лента на Крап - С. Бекет / Фото: Wikimedia Commons

На денешен ден почина Боре Ангеловски, театарскиот визионер што го донесе Бекет во Македонија

На денешен ден, 15 јуни, се навршуваат 17 години од смртта на Боре Ангеловски – еден од највлијателните македонски театарски творци. Актер, режисер, преведувач, сценограф, костимограф, педагог и театарски теоретичар, Ангеловски беше ретка уметничка појава која целиот свој живот го посвети на сцената.

Роден на 25 февруари 1944 година во Велес, уште како дете покажувал огромна фасцинација од театарот. Во дворот на семејната куќа организирал мали претстави со децата од маалото, а неговата љубов кон сцената постепено прераснала во животна определба. Првите сериозни чекори ги направил во Народниот театар во Велес, каде што почнал да настапува уште како тинејџер и да учи од великаните на македонското глумиште.

Борe Ангеловски во улогата на Дебелиот бродоломник / Фото: Wikimedia Commons

Човекот што прв го постави Бекет на македонска сцена

Боре Ангеловски ќе остане запаметен како човекот што ја отвори вратата на модерниот европски театар во Македонија. Во декември 1965 година, на сцената во Велес, за првпат во земјава беше изведена претставата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, во негов превод, режија, сценографија и костимографија. Тоа беше историски момент за македонскиот театар, бидејќи публиката за првпат се соочи со театарот на апсурдот.

По успехот на „Чекајќи го Годо“, Ангеловски продолжил да ги истражува делата на Бекет и на другите големи европски драматурзи. Благодарение на него, македонската публика првпат се запознала и со автори како Ежен Јонеско, Едвард Олби, Хајнер Милер, Питер Вајс, Џорџ Бернард Шо, Данил Хармс и многу други. Токму затоа често е нарекуван прв македонски бекетолог и пионер на театарската авангарда кај нас.

Неговата работа не се сведувала само на режија. Тој бил комплетна театарска личност која подеднакво успешно работела како актер, сценограф, костимограф и преведувач.

Сцена од претставата „Чекајќи го Годо“ / Фото: Wikimedia Commons

Театарот „Чекори“ и неговото наследство

По затворањето на Народниот театар во Велес и Младинската сцена, Ангеловски не се откажал од својата визија. Во 1974 година во Скопје го основал театарот „Чекори“, кој подоцна ќе стане еден од најзначајните алтернативни театри во Македонија. Во него создаде уникатен модел на работа во кој сите учесници биле дел од целиот креативен процес – од изработка на сценографија и костими до создавање на ликовите и драмската структура.

Во текот на повеќе од 50 години творештво поставил 89 претстави од 59 автори, направил повеќе од 30 преводи на драмски дела и создал десетици сценографии и костимографии. Низ неговите театарски школи, студија и ансамбли поминале повеќе од 700 млади луѓе, а многумина од нив подоцна станале познати актери, режисери и театарски професионалци.

За својот придонес добил бројни награди во Македонија и поранешна Југославија, но можеби најголемото признание е фактот што денес се смета за еден од најважните реформатори на современиот македонски театар.

Боре Ангеловски почина на 14 јуни 2009 година во Велес, на 65-годишна возраст, само три дена по неговата последна премиера.

…Театарот нè разобличува. Ни заповеда да егзистираме во времето и просторот. Не зуздува, и ги разбеснува злите јазици, мајстори на човековото злокобие. Белег е на општеството, каде сите ние и оние се воеткаме…

Најдобра претстава во целина на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ е „Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот