Најдобра претстава во целина на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ е „Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар
Заврши јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а на последниот фестивалски ден беа доделени наградите и гостуваше Београдско драмско позориште со претстава по текст на Дејан Дуковски.
Препорачано
Јубилејното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржа од 5 до 12 јуни во Прилеп. Традиционално, на последната фестивалска вечер беа доделени наградите, а во чест на наградените гостуваше Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ поставена на текст од Дејан Дуковски, кој беше автор во фокус на фестивалот, а во режија на Оливер Фрљиќ.
Жирито кое одлучуваше за наградите беше во состав: Снежана Коневски – Руси, претседател, и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ. Наградата за уметничко остварување на претставата во целина е доделена на ансамблот на НУ Македонски народен театар за претставата „Страв и надеж“ според Франц Ксавер Крец во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат.
„За мене комплетна претстава е ‘Страв и надеж’, бидејќи сите актери се подеднакво вклучени во проектот заедно со музичарите. Како традиционалист, имам око и уво да видам што е тоа што ме допира“, истакна Коневски – Руси.
Фестивалското жири ги додели следните награди: Награда за музика „Филип Стевановски“ на Ирена Поповиќ Драговиќ за музиката во претставата „Страв и надеж“ во изведба на НУ МНТ Скопје; Награда за костимографија на Марија Пупучевска за костимите во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; Награда за сценографија на Валентин Светозарев за сценографија во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ на Јеткин Сезеир за улогата на Амадеус во претставата „Амадеус“ во изведба на НУ Турски театар Скопје; Награда за млада актерка на Сара Спиркоска за улогата на Неда во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; Награда за женска епизодна улога на Биљана Драгиќевиќ – Пројковска за улогата на Марија во претставата „Мачкина глава“ во изведба на НУ Драмски театар Скопје; Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ на Александар Степанулески за улогата на Симон во претставата „Мачкина глава“ во изведба на НУ Драмски театар Скопје; Награда за главна женска улога на Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца во претставата „Амадеус“ во изведба на НУ Турски театар Скопје; Награда за главна машка улога „Кирил Ристоски“ на Димитар Ѓорѓиевски за улогата на Фезлиев во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; и Награда за режија на Дејан Пројковски за режијата на претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Жирито одлучи да не додели награди во четири категории: за рекламен материјал, за кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и адаптација и за современ драмски текст.
На прашањето зошто не се доделени четирите награди, меѓу кои и за драмски текст, Дарко Лукиќ истакна дека „смислата на фестивалот е да работи на промоцијата на македонската драма и на таа култура и традиција. Сугерирам на репертоарите театрите да се занимаваат со македонските автори многу повеќе“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 335, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.6.2026)


